Какви чизми до глужд да носите есенва

Што е есента без чизмички до глужд, независно дали се откачени, рокерски, кожени или елегантни. Овие чевли се идеални за есенските месеци, а со оглед на тоа што се соодветни на многу стилови, никој нема да биде надвор од тренд.

За „шминкерките“ ги има со тенки потпетици, со бисери, кристали и позлатени синџирчиња, а за вистинска елеганција мора да имаат и шпиц-врв.

За опуштени прошетки тука се ниските чизмички со заоблени врвови, а особено доаѓаат до израз во крем или ледено-сива боја. И да, треба да изгледаат износено, а понекогаш се украсуваат со разни нитни и копчиња.

Меѓу класичните модели од обична или од превртена кожа во неутрални бои, кои прилегаат на речиси секаков стил, интересните се ниските модели за оние кои преферираат каубојски имиџ.

Каубојките доаѓаат со широка и ниска пета дијагонално исечена, а оние поелегантните чизми имаат многу тенка и висока потпетица. Најелегантните модели оваа сезона се, всушност, украсени со нитни и синџирчиња, заштитните знаци на рокерките, па време е за уживање во трендот кој ја нагласува моќта на жените.

Доколку, пак, сакате средно високи потпетици, петата нека биде правоаголна, а врвовите благо заоблени.

За оние пригоди кога ќе посакате да бидете во центарот на вниманието, или доколку обично носите впечатливи модни додатоци, тиркизната боја е прав погодок, а исто така и потемните нијанси на црвена и зелена боја.

- Реклама -