Најчевска: Партија како ВМРО-ДПМНЕ може да опстојува само во држава со неверојатно глуп, затуцан и неписмен народ

„Поидиотска партија од ВМРО-ДПМНЕ не сум видела. Мислам дека ваква партија може да опстојува единствено во држава со неверојатно глуп, затуцан и неписмен народ“, пишува професорката Мирјана Најчевска на Фејсбук, како реакција на обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека Владата крие дека во Македонија има антракс.

„Тоа е партија која отворено лаже и мами и краде и шири паники и заплашува и дезинформира, и наспроти на ова продолжува да ја има довербата кај голем број граѓани. Најопасното кај оваа партија е дека по принципот на ‘И чорава кока некад убоде’ може во некој момент да излезе и со вистинско предупредување за вистински проблем, меѓутоа голем број граѓани нема воопшто сериозно да ја разберат.

Најсериозно мислам дека оваа партија треба да биде дерегистрирана како недоветна и како партија која не исполнува услови да се смета за деловно способна. Толкава концентрација на глупост, на упорно повторување на веќе стотици пати со аргументи оспорени тврдења, и на шарени лажги, не се трпи. ДУИ е сериозна мафија, СДСМ е недозреана политичка партија, ама ВМРО-ДПМНЕ е спрдачина, а не партија. Пренесувањето на изјавите на оваа партија без сериозна анализа и многу сериозни проверки е, според мене, криминално“, пишува Најчевска.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Со одговор кон обвинувањата денеска излегоа и од СДСМ:

„На лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ партијата симбол на измислици и лажни вести му нема крај. Истата таа партија додека беше власт во 2009 и 2015 година, криеше дека има појава на антракс во општина Сарај, односно Велес. Денес, нивната наводна грижа за граѓаните од опасноста од заразеност со антракс е само очаен обид за прибирање на ситни дневнополитички поени на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерството за здравство веднаш излезе во јавноста и потврди дека нема опасност за граѓаните и дека ниту еден граѓанин не е заразен со антракс. Истовремено и Агенцијата за храна и ветеринарство, соопшти дека засега болеста е детектирана само кај едно одгледувалиште и навреме се преземени сите потребни мерки за справување со болеста. Последните информации се дека нема нови случаи на заразени со антракс.

Крајно несериозно е од страна на ВМРО-ДПМНЕ да ги вознемирува граѓаните и создава вештачка паника и страв кај нив. Владата предводена од СДСМ и надлежните институции ги превземаат сите мерки потребни во ваков и слични случаи и се подготвени да одговорат во секое време“, велат од владејачката партија.

- Реклама -