Посетете ги овие места со велосипед

Природните убавини кои ги крие нашата земја се далеку познати, но ретко кој од нас посетил поголем број од истите. Некогаш од немање време, или пак од недостаток на желба или нечувствување предизвик. А тие се толку блиску до нас, интересни и автентични!

Токму затоа нашата редакција се реши да предложи неколку локации, кои пленат со својата убавина, а кои можат да се откриваат и со возење велосипед. На тој начин спојувате две работи, здрава физичка активност и истражување на недопрените убавини на Македонија.

Во продолжение ви презентираме само неколку дестинации кои се одлични за сите љубители на велосипедскиот туризам.

Козјак

На оддалеченост од околу 30-тина километри од Скопје, езерото Којзак е одлична дестинација за возење велосипед и претставува еден вид прибежиште од градскиот метеж. Погледот кој го нуди обзервациската точка на самиот крај од турата нема да ве остави рамнодушни.

Мариово

На отприлика 45 км од селото Манастир и 4 и пол часа поминати во возење со велосипед, исполнети со безброј пејзажи, ќе се најдете во селото Зовиќ. Ова место е најпознато по Камениот мост или уште познат како “Филмски мост”, кој се наоѓа во непосредна близина на селото. Најдобар период за возење се летните месеци кога воедно ќе можете да направите една долга пауза и да се разладите во чистата вода на Градешка река.

Матка

Доколку истовремено сте љубители на пикник и на велосипедизам, Матка е вистинското место за вас. На само 15 км од центарот на Скопје, кањонот на реката Треска претставува одлична дестинација за возење велосипед за оние кои ги преферираат пократките дистанци.

Маврово

Во рамките на Мавровскиот парк постои добро развиена мрежа на патеки за велосипедизам кои нудат прекрасни пејсажи и панорами. Патеките се добро маркирани, лесни за следење и се комбинација од асфлат и земја. Возењето велосипед во Маврово е можност за уживање во културните и природините убавини на Македонија. Патот ќе ве однесе низ различни убави и автентични села, пасишта, бачила, а кога ќе бидете жедни ќе можете да се напиете свежа планинска вода од неколкуте извори долж патеките.

- Реклама -