Беџети лут на Антикорупциска за „хајката“ за платформите на Матка, најави постапка против антикорупционерите

Додека се чека иницијативата на Антикорупциска за негово кривично гонење да пристигне до Јавното обвинителство,  градоначалникот на Општина Сарај – Блерим Беџети, обвинува за политичка хајка и порачува дека правдата ќе ја бара на суд.

„Сметам дека ова е хајка и притисок кој се води против мене и тоа не е решение. Сепак јас сум во комуникација со адвокат и ќе покренам постапка против антикорупционерите. Наместо да се занимаваат со мене нека се позанимаваат и со пратениците кои ги носат законите за градба во законодавниот дом“, вели Беџети во краток телефонски разговор за „ТВ24“.

Антикорупционерите вчера едногласно се согласија да покренат иницијатива за кривично гонење на Беџети поради непостапување по барањата за легализација на дивоизградените платформи на Матка. Беџети се товари дека барањата ги чувал „во фиока“ за да го одложи уривањето на платформите, кои во меѓувреме почнаа да се користат како дел од кафуле, иако имал законска обврска да ги одбие, бидејќи согласно законот нема основа по која платформите можат да бидат легализирани.

Државниот инспекторат за животна средина утврдил и низа други нерегуларности (прочитајте на „Фокус“), како тоа дека барањата за легализација на платформите – поднесени од Амет Саити и Џемаил Саити во февруари и декември 2018-та, воопшто и не биле евидентирани во Уписникот за евиденција на примени Барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Или со зборовите на Антикорупциска, „во Уписникот се заведени барањата од 02.01.2018 до 11.01.2018 година, а потоа се истрошиле листовите и евиденцијата за сите примени барања не се води понатаму“.

- Реклама -