Заев за БГНЕС: Комисијата да не заборава дека имаме Договор според кој споделуваме заедничка историја

Многу работи се променети во позитивна насока во овие две години од потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Толку краток период, а толку многу е постигнато, вели премиерот Зоран Заев во интервју за бугарската агенција „БГНЕС“.

„Бугарија е голем пријател на Република Северна Македонија. И Бугарија може многу што да ни помогне во целиот овој процес. Бугарија покажа како ни помага во целиот овој процес. Бугарија беше прва што се бореше во Европската комисија за конечно, после 15 години, да добиеме датум за почеток на преговорите. Бугарија ги споделува сите свои искуства од својот  пристапен процес со Европската унија. Бугарија беше нашиот промотор и пред земјите членки во НАТО во ратификацијата, една од првите земји што веднаш го ратификуваше протоколот за НАТО. Така што, Бугарија покажува одредено пријателство, а верувам дека и ние истото тоа го покажуваме кон Република Бугарија“, вели Заев.

„Ние имаме структури и сили во двете земји кои не се многу радосни со тоа што се случува“, додава тој. Прашан дали тоа се структурите од 1945 година, премиерот одговара:

„Си има еден дел од такви структури. Тоа се структурите и од комунизмот, и од социјализмот, и имаме структури коишто се малку повеќе ориентирани кон Истокот, јас го знам тоа. Ние сме мали земји и треба да соработуваме со сите. Но сите не се среќни со ваквото решение. За среќа наша, тоа се малку луѓе. Ние треба да работиме и на нив, да ги убедиме дека тоа е добро“.

„Ние сме европска земја, ние сакаме да зборуваме за европски вредности, да зборуваме за иднина, за перспективи, за нешто што е одговорност на модерната политика – тоа што го прават модерните политичари, како Меркел, како Макрон. Таквите отвараат денеска перспективи, за младите, за народот, за компаниите. Сега, минатото е нешто што не можеме да го промениме. Тоа минато е составен дел и од нашето секојдневие, и од нашиот живот. Треба да најдеме начин како тоа минато ќе нè спојува, а не како ќе нè дели“, вели премиерот, прашан дали Македонија има храброст да се разиде со „тој модел на противење и на конфронтација, од 1945 година“.

Тој истакна и дека Комисијата за историски прашања е формирана токму за да се изгради пријателство меѓу двете нации. Тој, заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов, ги охрабри историчарите:

Прочитајте и:  ОЛАФ започна истрага: „Ребрендирана“ руска нафта од Турција и Бугарија се увезува во ЕУ заобиколувајќи ги санкциите

„Како што е замислено во Договорот, таа Комисија е за историски и образовни прашања, а суштината нејзина е да продолжи да го гради тоа пријателство. Значи, ние политичарите сакаме денеска да создаваме убава, позитивна историја. Ние не можеме да ја промениме историјата, зад историјата постојат факти. И самата Комисија нема намера да ја унифицира историјата. Дури во Бугарија или во Северна Македонија имаме неколку историски тези за одредени периоди, на пример, и тоа се факти, таа дебата ќе постои. Самата комисија веќе има постигнато, би ги нарекол, четири лика: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум, Цар Самоил. Има постигнато одредени ликови. Знам дека целта ѝ е да пенетрира во образовните политики и таа има променето дел од нив, како во учебниците од 5-то одделение во Бугарија, во учебниците од 6-то одделение во Северна Македонија, коишто се однесуваат на антиката, на историјата, средновековието. И продолжуваат понатаму…

По актуелната тема истата таа Комисија јас очекувам да добие охрабрување од нас политичарите и да продолжи во тој дух, да ги изнајде решенијата. Да не заборават дека имаме договор согласно кој споделуваме заедничка историја“, порачува Заев.

Тој оцени и дека Балканот денес веќе не е „буре барут“, како што беше со децении наназад:

„Минатото на Балканот покажа што значат обидите за промена на граници. Значат жpтви, илјадници граѓани, деца, жени. Не ни треба. Балканот е нов. Балканот повеќе не е буре барут. Балканот станува европски, целиот Балкан. Нашиот став е дека посакуваме сите да најдат позитивно решение. Рeпублика Северна Македонија најде пример за решение со Бугарија. Потоа, охрабрена од тој договор, бевме спремни и способни да најдеме позитивно решение и со Грција. Верувам дека и другите земји треба да се движат по тој пат. Затоа ние поддржуваме решение кое ќе гради пријателство, коешто ќе обезбеди траен мир, поголема регионална соработка и интеграција на целиот регион во ЕУ. Решение коешто секако ќе донесе и сигурност и иднина и стабилност, и на Албанците, но и на Србите, но и на сите други етнички заедници кои живеат во овој регион“.

Целото интервју и изјавите на премиерот Заев за „БГНЕС“ ќе ги најдете ТУКА.

- Реклама -