1.5-те милиони евра сведокот во случајот „Рекет“ му ги платил на првоосомничениот во готово, во два наврата, а Обвинителството знае како и од кои сметки се обезбедени парите. Тоа било утврдено уште во предистражната постапка, вели обвинителот Љубомир Јовески во интервју за „Независен весник“, кој во интерес на истрагата не открива други детали. Јавноста, вели, ќе биде запознаена со нив кога ќе бидат создадени соодветни услови.
Во истрагата, Обвинителството ќе истражува и со каква намера и цел сведокот (во јавноста неофицијално обелоденет како бизнисменот Орце Камчев) ги дал парите, вели Јовески, прашан за дилемата што од самото објавување на истрагата за случајот „Рекет“ ја збунува јавноста: „Како тоа сведокот ги дал парите со јасна намера да поткупи обвинители, а не е меѓу одговорните?“.
„Во истрагата Обвинителството ќе истражува дали целта била да се поткупат обвинители или само да се искористи влијанието на првоосомничениот врз јавен обвинител. Лицето за кое прашувате е подносител на кривичната пријава и е сведок во овој предмет“, објаснува Јовески, додавајќи дека со цел да се стимулира откривањето на овие кривични дела, законот предвидува олеснување на положбата на лицето кое ќе го пријави кривичното дело.
Сепак, истакнува тој, олеснителните околности се однесуваат само на конкретниот предмет, а не и врз други предмети против сведокот, односно, во конкретниов случај, воопшто не влијаат врз одговорноста на сведокот во случајот „Империја“ на СЈО. Целото интервју, кое опфаќа и други теми (проширување на истрагата, статусот на СЈО, бегството на Груевски, капацитетот на Обвинителството, итн.), прочитајте го на „НЕЗАВИСЕН“ (КЛИК).