Мерко за дивоградбата кај Чинарот: Се удира на етничка база, утре тој локал ќе придонесе за Охрид (ВИДЕО)

Охриѓани треба самите да си го чистат својот двор, порача струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, во видео-интервју за Саше Ивановски (според „Експрес.мк“), додавајќи дека неговиот „двор“ е чист:

„… Да не бараат ние да им го чистиме, затоа што ние немаме ништо спротивно од закон направено во овој дел“, вели тој.

Мерко не гледа ништо погрешно во тоа што ја пресече лентата на отварањето на дивоизградената пицерија на неговиот сопартиец Нефи Усеини. Тој рече дека бил на отварања на десетина локали, хотели и ресторани, и нема намера да престане:

„Што има врска јас, и колку тука што беа присутни… Јас отидов кај еден мој колега, тој е претседател на огранокот на ДУИ, јас отидов кај мој член на партија, јас отидов кај човек или бизнис кадешто утре ќе допринесе за Охрид“, вели Мерко.

Прочитајте и:  Лефков: Дрин Ахмети книжел милиони под закрила на институциите водени од кадри на ДУИ

Тој оценува дека пицеријата на Усеини кај Чинарот веќе не може да се смета за дивоградба:

„Тој локал што го отворивме, почнува да се гради, можда и се зборува за, да речеме, една година уназад. Кај се бе локалните власти? Кај се државните власти? Значи, тоа е, штом не го запираш, тоа е легален објект… Не ми треба јас да се изјаснам за тоа. Треба охриѓани да се изјаснат, кои беа во голем обем и беше добра атмосферата“.

Мерко им порача на охриѓани и да се ослободат од предрасудите. Оцени и дека „сето ова се прави и врз етничка база, и се удира врз етничка база“.

- Реклама -