Заев за „360°“: Ако ние, кои блескаме, не добиеме датум, тогаш како ќе ги мотивираат другите земји?

Ако не добиеме датум ниту во јуни, ниту во јули, „тоа ќе предизвика политичка криза во земјата, затоа што ги ставивме сите карти на нашата интеграција во европската унија“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „360 степени“.

Тој не се задоволува со коментарите од типот „добро, барем членство во НАТО добивме“, бидејќи целта од самиот почеток е, вели, конечно по 14 години чекање, да добиеме одлука за добивање на датум за отпочеток на преговори. Тој истакна и дека верува дека летово тоа и ќе се случи, но во спротивно не ја негира можноста од политичка криза:

„Такви се очекувањата на нашите граѓани. Ако очекувањата не се испорачаат, тогаш тоа би било проблематично во нашата земја“.

Заев ги искоментира и оценките дека ништо не менува дали одлуката ќе се одложи за два-три месеци. Имајќи во предвид дека доаѓа нова Европска комисија и никој не знае какви ќе бидат околностите во Европскиот парламент, вели премиерот, ние не би сакале да ризикуваме. Тој истакна дека активно се разговара со канцеларката Меркел и претседателот Макрон, а во процесот се вклучени и буквално сите пријатели на нашата земја, кои работат на тоа да помогнат успешно да се заврши процесот – од високата претставничка Могерини и еврокомесарот Хан, па до германскиот претседател Штајнмаер и сите други.

Сè друго освен датум за почеток на преговорите не би било „нормално“, смета Заев, и ќе предизвика проблеми не само на Западен Балкан, туку и во самата Европска унија:

„Некојпат мојата верба и оптимизам се базираат на чувство, но верувам дека тоа ќе се случи. Прво, како ќе ги мотивираат претседателот Вучиќ и претседателот Тачи ако не дадат ништо према Македонија? Тогаш тие нема да имаат доволно мотивација да го продолжат дијалогот, да наоѓаат решение. Каква порака ќе испратат кон другите земји, кога единствено нашата земја е мирна, има политички дијалог, нема протести, реформите се завршуваат навремено, се движи земјата напред, економските параметри се одлични, блескаме и сите нè употребуваат од почеток до крај во своите дискусии – Преспански договор, европски манири, европско однесување? Пораката мора да биде исклучително потврдна од страна на Европската комисија и на земјите членки на ЕУ, затоа што само така е нормално. Сето друго би предизвикало проблеми дури и за ЕУ, не само на Западен Балкан“.

Целото интервју со Заев погледнете го ТУКА.

- Реклама -