Али Хаменеи – од „неочекуван наследник“ до симбол на ригорозната антизападна стратегија

2

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи (86), повеќе од три децении беше клучна фигура во иранскиот политички и безбедносен систем – непопустлив противник на Западот и човек кој без милост ги задушуваше внатрешните протести. Според тврдењата на претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, Хаменеи наводно бил убиен во нападите кои заедно ги спровеле САД и Израел врз неговата резиденција во Техеран. Од иранска страна, засега не е дадена официјална потврда за овие наводи.

Хаменеи ја презеде лидерската функција во 1989 година, по смртта на основачот на Исламската Република, Рухолах Хомеини. Во почетокот, многумина го сметале за слаб и неочекуван избор, без религиски авторитет во споредба со својот претходник. Но, со текот на времето, успеа да изгради силен безбедносен апарат, лојален единствено нему, потпирајќи се на Иранската револуционерна гарда и паравоените формации познати како „басиџ“.

Реклама

Под негово водство, Иран го зацврсти својот антизападен став, а ниедна важна одлука, особено во врска со САД, не можеше да биде донесена без негова согласност. Иако беше идеолошки тврд, Хаменеи понекогаш демонстрираше тактичка флексибилност, концепт што самиот го нарекуваше „херојска флексибилност“, што му овозможи да ја поддржи реализацијата на нуклеарниот договор во 2015 година.

По повлекувањето на САД од договорот во 2018 година и повторното наметнување на санкции, Техеран постепено ги прекрши условите од договорот, а домашните протести – од 2009 година па до немирите во 2022 година по смртта на Махса Амини и до последните демонстрации во јануари – беа бескомпромисно задушувани.

Неговата моќ беше дополнително поткрепена од парадржавниот финансиски конгломерат, познат како “Сетад”, кој беше под негово директно раководство и финансираше структура лојални на режимот. Аналитичарот Карим Саджадпур од Карнегиевата фондација проценува дека „историската случајност“ го претвори од слаб лидер во еден од најмоќните Иранци во последниот век. Ако информацијата за неговата смрт се потврди, тоа би бил најголем удар за Исламската Република од нејзиното основање во 1979 година, со потенцијално сериозни последици за внатрешната стабилност на Иран и геополитичката рамнотежа во Блискиот Исток.