„Треба да го посетам, ако е можно, претседателот Макрон ако треба и 10 пати, премиерот Руте, канцеларката Меркел… Бидејќи мојот пријател Алексис го прави тоа, мојот пријател Бојко го прави тоа. Бидејќи мојата земја се наоѓа пред огромна одлука за отворање на поглавјата со Европската унија“, порача премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашање на грчка новинарка на прес-конференцијата по завршувањето на централната миса на Папата Франциск на плоштадот „Македонија“, за тоа што му е следната цел, сега откако посетата на Папата Франциск заврши.
„Тоа е втората најважна цел за нашето општество. Првата ја постигнавме. Тоа е целосно членство во НАТО. Процесот на ратификација е во тек. Ратификувани сме од 12 земји, почнувајќи од Грција.
И секако, втората и подеднакво важна цел за нас е почеток на преговорите со Европската унија. Така што, целта е да се биде главно посветен на Европската комисија, но исто така и на европските лидери, бидејќи сите 28 земји членки ќе одлучат ова лето за нашата земја за почеток на преговорите. Како што реков, 14 години се предолго чекање пред вратите на Европската унија“, истакна Заев, додавајќи дека државата и владата покажала многу европски вредности.
„Покажавме многу европски вредности. Денеска уште еднаш, заедно со Папата и Светиот татко. Но и на последните избори, исто така, ја покажавме нашата верба. И ќе продолжиме да бидеме добар пример за Западна Европа“, порача премиерот.