Французите веќе собраа повеќе од 600 милиони евра за обнова на Нотр Дам

ФОТО: Dan Kitwood/Getty Images

Уште неизгаснат пожарот, а францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Нотр Дам ќе биде обновена. Ќе биде тоа комплициран процес, но по сè изгледа финансиите нема да бидат проблем, најмногу благодарение на француските милијардери и светски познати компании.

Откако двајцата најбогати Французи и нивните семејства и компании – Франсоа Пино (сопственик на Kering, која поседува некои од најголемите модни брендови меѓу кои и „Сен Лорен“ и „Гучи“) и Бернард Арно (францускиот бизнис магнат кој е сопственик на модниот и бренд за луксузни добра – LVMH, т.е. „Луј Витон“) понудија 100 и 200 милиони евра, соодветно, своја донација од 100 милиони евра вети и француската нафтена компанија Total. Нешто помала сума понуди и технолошката компанија Capgemini – 1 милион евра.

По нив, и козметичкиот бренд L’Oréal, заедно со сопственичкото семејство Bettencourt Meyers и нивната фондација Bettencourt Schueller, вети донација од 200 милиони евра за реставрација на изгубеното во пожарот.

Сите наведени донации се потврдени од CNN, па со тоа сумата што досега ја собраа француските тајкуни и компании изнесува 601 милион евра (679 милиони долари). Во нив не се вклучени парите што градот Париз и француската влада исто така планираат да ги потрошат на реизградба на катедралата.

 

- Реклама -