Богато француско семејство вети донација од 200 милиони евра за реконструкција на Нотр Дам

Како што најави париската градоначалничка Ан Хидалго, во план е  „голема меѓународна конференција на донатори“, со цел да се соберат пари за обидот да се реизгради изгорената Нотр Дам. Во меѓувреме, мултимилионерите веќе понудија огромни суми за таа цел.

Семејството на Бернард Арно, на пример, францускиот бизнис магнат кој е сопственик на модниот и бренд за луксузни добра – LVMH („Луј Витон“), вети дури 200 милиони евра (226 милиони долари) за таа цел. Во соопштение, семејството ја нарече Нотр Дам „извонредна катедрала“ и „симбол на Франција, нејзиното наследство и единство“.

Донацијата од Арно доаѓа откако друг француски милијардер – Франсоа Пино – сопственик на Kering, која поседува некои од најголемите модни брендови меѓу кои и „Сен Лорен“ и „Гучи“, вети 100 милиони евра (113 милиони долари) за реконструкција на катедралата.

Хидалго очекува донаторската конференција да привлече донатори и од целиот свет, а вети дека ќе го активира и фондот за Париз кој го започна во 2015-та, како и 80-те милиони средства од буџетот кои и онака биле предвидени за реставрација на париските цркви.

 

- Реклама -