„Можете да видите со каква дива животиња народ живееме, затоа немаат идентитет и нема никогаш да имаат. Без разлика што ние сме сакале да им помогнеме. Не се помага на бесчувствителниот, не се освестуваат. Местото Лажец, кој го знае кој не, е село мултиетничко – има муслимани, православни христијани, има Mакедонци… не знам тие како себеси си се нарекуваат… има Aлбанци. Има две цркви, бројот на народите е ист, има две цркви, а ниту една џамија. Сто подземни далавери прават и сè уште не се освестени. Дај боже мене господ душата да не ми ја земе додека не поставам камен темелник на џамијата“, цитиран е поглаварот на ИВЗ – Сулејман Реџепи, во пријавата за говор на омраза што до МВР ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од ИВЗ, меѓутоа, во изјава за „ТВ21“, велат дека изјавата на реисот била извадена од контекст и дека тој не го навредил македонскиот народ, туку „само“ селаните кои живеат во селото Лажец, а кои наводно не дозволуваат да се изгради џамија за муслиманите од селото.
Поглаварот на ИВЗ неодамна одржа говор и при реновирање на џамија во Чаир. Меѓутоа, во разговор со новинарите претходно изјавил дека овојпат ќе биде помек во реториката.
„Ќе бидам помек бидејќи многу се плашат и се крева прашина за ништо“, рекол поглаварот на ИВЗ.