Како што беше и најавено, македонскиот претседател Ѓорге Иванов ги одликуваше со „Медал за храброст“ четворицата припадници на Армијата на Република Македонија кои придонесоа за навременото укажување помош и извлекување на настраданите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци. Одликувани се Семир Фета, Омер Емини, Бујамин Реџепи и Сељадин Саљихи. Медалите се доделени како симболичен начин со кој македонската држава и македонските граѓани им ја искажуваат благодарноста, порача претседателот.
„Ја потврдивте верноста на Армијата кон македонските граѓани, спасивте човечки животи, и ја вративте надежта и вербата во добрината. Ја вративте вербата дека постои добрина во овој свет, и дека за таа добрина вреди да се бориме, секој ден и постојано.
Со вашата храброст, вие сте пример не само за другите припадници на македонската армија, туку и за целото македонско општество. На дело покажавте дека соживотот е всушност грижа за животот на другиот човек, независно од етничката, јазичната или верската припадност“, порача Иванов на церемонијата на доделувањето.
Војникот Семир Фета од Ласкарци изрази голема благодарност до претседателот и им изрази сочувство на семејствата на загинатите, а побрзо опоравување на повредените.
„Секој што би се нашол на местото би помогнал во овој случај“, изјави тој.