Проф. Силјановска-Давкова за повикот да се кандидира за претседател: Ова се најтешките моменти за мене

„Како никогаш порано, во најтешките моменти на поновата национална и политичка историја, на Македонија ѝ е итно потребен здружен опозициски блок, кој ќе ги обедини сите граѓански и интелектуални капацитети. Со оглед на состојбата, ова ќе биде работа на повеќе генерации, но првиот предизвик со кој треба да се соочиме на политички план се претседателските избори.

Станува збор за навидум помалку важна институција во парламентарен систем, но историскиот миг ја прави повеќе од значајна. Во услови на нарушени контролни механизми, дерогација на поделбата на власта и на системот на ‘кочници и рамнотежа’, во ситуација кога ставот на граѓаните изразен на референдум беше безобразно заобиколен, институцијата Претседател на Републиката е последниот, или поточно првиот, браник на уставните вредности.

Свесни дека учеството во политички натпревар во вакви околности бара голема саможртва, особено при окториран устав и изменето име, ние, долупотпишаните, јавно ја повикуваме Гордана Силјановска-Давкова да размисли за можноста да се појави како кандидат на претстојните избори. Се надеваме овој апел ќе стаса и до најголемата опозициска партија во Собранието, со цел да создаде поширока општествена синергија и да застане зад нашиот предлог. Во овој момент ни е потребен претседател кој нема да спроведува нечија партиска политика, туку ќе биде гласот на разумот, правото, Уставот и совест на граѓаните.

Доколку ја испуштиме оваа шанса да излеземе сплотени околу една исклучителна личност, ова можат да бидат и последните непосредни избори за претседател на Републиката. Силјановска-Давкова може да внесе разум, знаење и морал на политичката сцена, и дека ќе ги обедини македонските граѓани на кои суштествено им е потребен заеднички глас во полза на владеење на правото и здравиот разум“, се вели во повикот на триесетина универзитетски професори, академици и ителектуалци, кои бараат Силјановска-Давкова да се кандидира, а јавноста, но и опозицијата, да ја поддржи нејзината кандидатура за претседател.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

Потписници на повикот се: Катица Ќулафкова, Наде Проева, Каролина Ристовска-Астеруд, Фредерика Поповска-Павловска, Билјана Ванковска, Жидас Даскаловски, Елка Јачева Улчар, Михајло Миноски, Никола Павловски, Богдан Богданов, Снежана Филипова, Костадин Тренчевски, Ивица Милевски, Јован Донев, Велика Стојкова Серафимовска, Валериј Софрониевски, Јани Бојаџи, Ружица Манојловиќ, Игор Улчар, Константин Миноски, Марија Ристевска, Драги Митревски, Тихомир Стојановски, Благоја Јанаков, Петре Георгиевски, Јане Богданов и Виктор Ѓамовски.

Во изјава за Пресинг ТВ, проф. Силјановска-Давкова, која отворено е против Преспанскиот договор и Законот за јазиците, го коментираше повикот. Вели дека мора да размисли:

„Зад иницијативата стојат еминентни личности со голем интегритет. Некои од нив се можеби и посоодветни од мене. Допрена сум, иако морам да размислам. Можеби ако размислувам рационално и ако се навратам на моите изјави од 1994 дека нема веќе да се занимавам со политика одговорот би бил негативен. Но имајќи го предвид емотивниот момент и специфичноста на ситуацијата во која Македонија се наоѓа 75 години по АСНОМ и она што поранешниот претседател Киро Глигоров своевремено го изјави, а тоа е дека ‘Македонија е сé што имаме’ ме тера да размислам. Ова се најтешките моменти за мене како професор и како човек“.

- Реклама -