Емотивен прес на Енди Мареј, низ солзи соопшти дека веќе не може да игра (ВИДЕО)

Британскиот тенисер Енди Мареј имаше посебно емотивна конференција за медиумите во Мелбурн, откако на тренинг мечот со Новак Ѓоковиќ во четвртокот успеа да освои само два гема и мораше да го прекине пред да стигне до крајот.

На пресот, Мареј низ солзи најави дека Вимблдон би можел да му биде последниот турнир во кариерата, ако воопшто издржи до Вимблдон.

„Не сум сигурен дека ќе можам да играм со оваа болка уште четири-пет месеци“, соопшти 31-годишниот Британец.

Тенисерот беше емотивен уште на почетокот на пресот, а кога го прашаа како му е колкот, тој веќе не можеше да ги совлада емоциите. Успеа да изговори само: „Не баш најдобар“, по што мораше да ја напушти прес собата за малку да се смири.

Во продолжение на пресот, низ борба со солзите – некогаш успешна, некогаш не, Мареј зборуваше за проблемите со колкот кои го мачат веќе две години:

„Направив сé што можеше да направам за да се обидам да го опоравам колкот, но не помогна многу. Сега генерално се чувствувам подобро отколку пред 6 месеци, но сé уште чувствувам многу болка. Тешко е…“

„Ќе играм. Уште можам да играм до одредено ниво, но не на ниво на кое сум среќен да играм. Но не е само тоа. Болката навистина е преголема и не сакам да играм на таков начин“, порача Мареј.

„За време на тренингот зборував со мојот тим и им кажав дека не можам да продолжам вака. Ми треба некаква завршница, бидејќи вака играв без некаква јасна идеја кога болката ќе престане… Им реков: Видете, мислам дека можам ова да го истрпам до Вимблдон. Тогаш би сакал да престанам да играм. Но не сум сигурен ни дека ќе можам до таму“, објасни Мареј за новинарите.

После уште една пауза која Мареј ја помина со наведната глава и во тишина, беше прашан дали ова може да му биде последен турнир.

„Да, има шанса за тоа, сигурно, бидејќи не сум сигурен дека ќе можам да играм со болкава уште четири или пет месеци“.

Мареј соопшти дека како опција му преостанува да направи уште една операција на колкот, посериозна од претходната, која би му овозможила подобар живот и да нема болка.

„Тоа е нешто за што сериозно размислувам во моментов. Некои спортисти имале таква операција и успеале да се вратат на натпреварувањето, но очигледно нема гаранции за такво нешто, а целта на таквата операција не е за враќање кон професионалниот спорт, туку едноставно за подобар квалитет на животот“, соопшти Британецот.

- Реклама -