Столтенберг жали за војската на Косово, среќен е што Македонија ќе стане 30. членка на НАТО: Стабилноста ни е најважна

Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, изјави дека жали поради одлуката на косовскиот парламент да ги изгласа законите кои овозможија трансформација на Косовските безбедносни сили (КБС) во официјална косовска Армија.

„Иако генерално гледано транзицијата на КБС е прашање по кое Косово треба да одлучи, ние јасно ставивме до знаење дека овој потег доаѓа во погрешно време. НАТО го поддржува развојот на КБС во рамките на актуелниот мандат. Но, со промена на мандатот, Северноатлантскиот совет ќе мора да го преиспита нивото на ангажираност на НАТО со КБС. Сите страни мораат да осигураат дека оваа одлука, која е донесена во погрешно време, нема дополнително да ја зголеми напнатоста во регионот. Сите политички актери во регионот мораат да се фокусираат на напредокот во реформите и на дијалог. Разговарав со претседателот на Србија – Александар Вучиќ, и со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, и ги информирав околу актуелната дискусија меѓу членките на НАТО“, вели Столтенберг во интервју за црногорскиот Cafe del Montenegro.

Столтенберг нагласи дека е важно да се задржи смиреноста и воздржаноста од какви било изјави или акции кои можат да доведат до ескалација.

Во тој контекст, Столтенберг ја поздравува редовната комуникација на командант на КФОР – генерал-мајорот Лоренцо Д’Адарија со неговите колеги во регионот. НАТО продолжува во целост да го поддржува процесот на нормализација меѓу Белград и Приштина, преку дијалог кој го поддржува ЕУ. Тоа е клучно за регионалниот мир и безбедност, порача Столтенберг.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Како што вели тој, безбедноста и стабилноста на западниот Балкан се исклучително важни за НАТО и алијансата има цврсти односи со сите земји во регионот:

„Тоа важи денес, како што важеше и во октомври 2014-та кога стапив на должност генерален секретар на НАТО. Го надгледував процесот на приклучување на Црна Гора во НАТО, што ја зголеми безбедноста и стабилноста на западниот Балкан. Исто така блиско соработував и со властите во Скопје, поддржувајќи ги евроатлантските аспирации на нивната земја. Во таа смисла, ја поздравуваме работата на имплементацијата на договорот за името која е во тек и се радувам што Македонија ќе биде 30. членка на НАТО, откако ќе завршат националните процедури. Босна и Херцеговина исто така дава значаен придонес во НАТО операциите и ние во целост го поддржуваме нивниот евроатлантски интеграционен пат. Србија и понатаму е вреден партнер. НАТО во целост го почитува фактот што Србија не тежи кон приклучување во НАТО, во смисла на нејзината политика на воена неутралност. Истовремено, го поздравуваме фактот што Србија го избра патот на партнерство со НАТО. Нашето партнерство ѝ користи и на Србија, и на НАТО“, нагласи Столтенберг.

- Реклама -