Божиќниот дух, нели, подразбира и да не сте одмаздољубиви, но приказната на Сара Беланџер е доказ дека и тоа некогаш може да го разубави празникот.
Сара е продавачка од Алабама која „изодела екстра милја“ – што би рекле Американците, за да ѝ одржи лекција на една груба и безобразна жена која направила скандал во продавницата во која таа работела. Приказната стана вирална на друштвените мрежи, а целото дејство се врти околу новогодишен украс што чинел 50 центи.
„По Божиќ, сите украси во нашата продавница се продаваа по цена снижена за дури 75%. Божиќната ѕвезда чинеше само 50 центи. Во продавницата влезе грозна жена, облечена во скапа облека, а која се довезе со луксузен Lexus, и бараше да купи четири ѕвезди, но да ги плати по 25 центи парче. Со оглед дека не бевме на распродажба во двор или гаража, ѝ реков дека тоа не е можно. Таа стана многу безобразна. Откако не успеа да ме принуди да ѝ ги продадам по саканата цена, ми рече дека нејзината пријателка работи во друга продавница и дека ѝ кажала дека следното утро цените ќе бидат снижени за 90%, па дека едноставно ќе се врати следното утро. Ѝ реков дека не ѝ гарантирам дека следното утро сé уште ќе имаме божиќни ѕвезди на лагер, а таа безобразно ми одговори: Има 12 парчиња во продавницата. Никој нема да ги купи сите 12 до утре. Ќе го добијам тоа што го сакам, а ти подготви се утре да се чувствуваш глупаво“, раскажува Сара.
Е па Сара решила да не го дозволи тоа.
„Ги купив сите 12 парчиња. Потоа се јавив во сите продавници во градот и ги купив и сите нивни божиќни ѕвезди. Чисто за да се осигурам, ги купив и тие од двата соседни града. Тоа беа најдобрите 30 долари што сум ги потрошила. Следното утро жената стигна веднаш штом продавницата отвори. Го имав задоволството да ѝ соопштам дека сите божиќни ѕвезди во северна Алабама се купени од еден купувач. Изразот на нејзиното лице вредеше за секој потрошен долар. Со години ги подарував тие ѕвезди на пријателите и семејството, но една зачував за себе. 17 години подоцна, уште се насмевнувам кога ја закачувам на елката“, вели Сара.