Шогун е највисокиот степен на самураи. Освен што биле врвни борци, шогуните истовремено биле и владетели (вазали) на одредена област и команданти. Јапонската автомобилска култура е една најразновидните и најинспиративните во светот. Настрана тјунингот и уникатните тркачки дисциплини, тие сакаат да се пофалат и се многу горди на нивните шест самураи. “Шестте самураи” е термин кој се однесува на шест спортски автомобили од деведесеттите и почетокот на новиот милениум, кога јапонската автомобилска индустрија кулминира. Тие се Nissan GT-R Skyline, Toyota Supra, Honda NSX, Mazda RX-7, Mitsubishi Lancer Evo и Subaru Impreza STi. Долго време размислував кој од овие самураи би бил најдобриот самураи (Шогун), но одговор не успевав да најдам. Играјќи Gran Turismo Sport и размислувајќи за автомобили кои би требало да се најдат во франшизата, одеднаш почнав да размислувам поинаку, out of the box. Почнав да ги споредувам самураите многу посуптилно. Секој спортски автомобил од горе споменатите има нешто посебно во себе. На пример, првите два се филмски ѕвезди и прв избор на тјунерите, третиот е направен во соработка со Аиртон Сена, четвртиот има Vankel мотор од 900 кубни сантиметри и 300 коњски сили, додека последните два се светски рели шампиони. Е кога сме кај светскиот рели шампионат, Subaru со апсолутна доминација победуваше во 95’ 96’ и 97’-та. Ви текнува на синиот автомобил со три жолти петки од страните?! Во 1998-та, Subaru слават 40 години постоење и три последователни рели титули, па решаваат да се почестат со специјална Impreza, која ќе потсетува на рели автомобилот со три петки. Другиот шогун е гордоста на Јапонија, Toyota и Lexus.
Subaru Impreza 22B STi
До моментов кога ја пишувам оваа епизода, 22B STi е сеуште најдобриот Subaru автомобил. Направени се само 424 автомобили, 400 за локалниот пазар, 16 за Велика Британија, 5 за Австралија и три прототип автомобили. За разлика од стандардната Impreza STi, 22B е поширок, има поголема зафатнина на моторот, тркачка рели суспензија, поголем интеркулер, огромно задно крило, нема ABS и има прекрасни BBS златни фелни. Моторот е 2.2 литарски турбо, кој е набилдана верзија од стандардниот 2.0 литарски со турбо полнење и испорачува 300 коњски сили (276 во Јапонија) благодарение на поголемиот турбо полнач и интеркулер. Кога оваа бројка ќе додадете или одземете 1295 килограми маса, математиката е следна: Од нула до сто километри на час, 22B забрзува за 3,9 секунди, што е импресивна бројка дури и денес, дваесет години подоцна. Интересно е дека името 22B го добива токму по конверзијата на моторот. Во превод, 2.2 литри зафатнина на моторот стои за 22, а буквата “B” е референцата на Subaru за турбо полнач.
Среќниците кои имале шанса да седнат зад воланот на Subaru Almighty, го опишуваат 22B како мелем за пуристите и еден од најдобрите спортски во автомобили за возење. Угледниот авто магазин Car&Driver, во далечната 1999 година, на тест возење достигнува максимална брзина од 231 километри на час, без да прецизираат под која закосеност било огромното задно крило и нивото на отпор.
Што е тоа што го прави Subaru Impreza 22B STi толку посебен? Неговата уникатност, недостапност, начинот на кој и како е направен и неверојатните способности на тркачките патеки и отворен пат. Уште еден важен аспект за големината на ова Subaru е иднината. Како што забрзано чекориме кон иднината со хибридни и електрични возила, шансите да видиме наследник на 22B се навистина минимални. Дури и ако го направат, дали мислите дека ќе може да му се спротистави на Porsche 911 GT3 на пример?
Lexus LFA Nurburgring Edition
Во 2000-та инженерите во Lexus решаваат да ја разбијат монотонијата и да му покажат на светот дека и тие знаат да направат супер автомобил, а не само лимузини и хибридни SUV. Бидејќи Lexus е ќерката миленица на Toyota, парите не претставувале никаков проблем, па биле издвоени 500 милиони долари за R&D (истражување и развој). Работејќи тајно и далеку од очите на автомобилската јавност (кој би помислил дека Lexus ќе направат подобар автомобил од Ferrari) во 2003 и 2005 прават два чудни концепт автомобили под референцата P280 и LF-A, кои никој не ги сфаќал сериозно.
Во 2007 бил претставен уште еден концепт и веднаш потоа бордот на Toyota дава зелено светло за производство. Дел од инженерите од F1 тимот на Toyota, биле ставени да работат на проектот LF-A. Во 2009 година на саемот за автомобили во Токио, премиерно е прикажан првиот супер спортски автомобил на Lexus, наречен LFA. Направен од карбон фибер, бил придвижуван од 4.8 литарски атмосферски V10 кој произведувал 552 коњски сили и 480 Nm и достигнувал максимална брзина од 326 километри на час. Произведени се само 500 примероци, а LFA се продавал за 330.000 евра. Lexus LFA е најскапиот јапонски автомобил на сите времиња. Џереми Кларксон за LFA ќе каже дека е најдобриот автомобил кој го возел. Покрај неверојатните перформанси, дизајн и технологија, заштитниот знак на овој супер автомобил е неговиот неверојатен звук. За неверојатната симфонија на LFA, се погрижиле акустичните инженери на Yamaha Music. Но тоа не е се…
^ На видеото: LFA симфониски оркестар
Во 2011 на саемот за автомобили во Женева, Lexus го претставуваат LFA Nurburgring Edition, најекстремниот јапонски сериски автомобил дотогаш. Фокусиран на тркачките патеки, LFA Nurburgring Edition бил засилен за 11 коњски сили (563) и третиран со нов аеродинамичен пакет, ултра лесни тркала и побрз електро хидрауличен автоматизиран мануелен менувач со една спојка. Производството било лимитирано на само 50 автомобили во четири варијанти на бои. Во јуни 2011 “стандардниот” LFA го обиколува Нордшлаифе за време од 07:22.85, со што станува десеттиот најбрз автомобил на патеката. Во септември 2011, Крис Харис во LFA Nurburgring Edition ја обиколува истата патека за 07:14.64, што е петто најбрзо време за сериски автомобил во историјата на Нурбургринг Нордшлаифе и десет секунди побрзо од Porsche 911 GT2 RS (996). Веднаш по премиерата, сите 50 примероци на LFA Nurburgring Edition биле продадени по цена од околу 400.000 евра. Денес, еден ваков половен LFA би ве чинел од 2 до 6,4 милиони евра. Треба ли уште да пишувам?!
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.