Експерти од Работната група на ОН за арбитрарен притвор, соопштија дека ја прекинуваат посетата на Унгарија. Заминувањето од земјата е во знак на протест затоа што властите им одбиле пристап до двете „транзитни зони“ во близина на границата со Србија, во кои мигрантите и барателите на азил, меѓу кои и деца, се лишуваат од слобода.
Во соопштението се наведува дека унгарските власти однапред биле запознаени и уредно информирани дека Работната група сака да ги посети тие локации. Властите во Будимпешта ги повикаа експертите на ОН да ја посетат земјата од 12 до 16 ноември, а како што истакнуваат од Работната група, нивниот мандат предвидува и „слободна истрага“.
Унгарија во 2015-та подигна ограда од бодликава жица на границите со Србија и Хрватска, каде воспостави „транзитни зони“ во кои барателите на азил се задржуваат додека трае постапката и не се донесе решение за барањето.