Предложени големи промени во фудбалските правила

Сте чуле за IFAB? Тоа е кратенка за Интернационалниот фудбалски борд. Се работи за тело во кое четири од членовите доаѓаат од Британија – како основачи на модерниот фудбал, а останатите четири членови доаѓаат од FIFA.

Задачата на IFAB е да расправа за промени во правилата во фудбалот. А денес, на состанокот во Лондон, IFAB предложи одредени промени кои можат значително да го изменат фудбалот.

 

Една од главните предложени промени се однесува на пеналите. Се предлага по шутот кон голот да нема веќе можност да продолжи играта ако голманот ја одбие или топката удри во статива или пречката на голот. Со други зборови, да нема наттрчување за одбиената топка и втора шанса за гол. А во случај топката да се одбие во корнер, ќе се изведува корнер како и досега.

Другата голема промена се однесува на самото досудување на пенали, конкретно кога се работи за игра со рака. Иако разни сезнајковци инсистираат дека кај играта со рака за потенцијален пенал е најважно дали имало намера или не, според правилата тоа воопшто не е важно. Строго гледано, секоја рака е пенал. Но според новите предложени измени, пенал би се свирел само кога раката би била во неприродна положба, а автоматски кога е над рамена.

Третата измена, и веројатно омилена кај секој љубител на фудбалот и особено ферплејот, е да им се ускрати можноста на играчите да одолговлекуваат и трошат време при замена. Со други зборови, играчот кој го напушта теренот ќе изглегува на најблиската аут линија и нема да може да се влечка до центарот за да потроши време.

Сепак, за предлозите ќе се дискутира на 22 ноември, а евентуалното гласање би се случило во март 2019 година.

- Реклама -