Никогаш, ама ни на крај памет, не замислував дека Speedtail ќе изгледа вака… Дефинитивно во моите топ 5 најубави автомобили на сите времиња. Цел ден гледам слики на интернет, и никако да му се изнагледам. Добив и некои аматерски слики, но и на нив Speedtail е преубав. Колку што Senna е “функционален”, толку Speedtail е прекрасен.
Духовниот наследник на најдобриот автомобил на сите времиња, има три седишта, возачкото е секако во средина, долг е 5.13 метри, има 1036 коњски сили и чини 2.4 милиони евра. Се зборува дека сите 106 примероци се веќе продадени…
Speedtail е третиот Ultimate Series автомобил на McLaren. Првиот е актерот од “Светото Тројство” P1, по него следуваше “функционалниот” Senna, и Speedtail. Дали Speedtail е достоен да биде крунисан за наследник на F1? Сеуште е рано да се констатира, но неоспорив факт е дека последниот ultimate McLaren е дефинитивно најбрзиот сериски автомобил кој излегол од вратите на фабриката од езерото. Колку е брз Speedtail? Кога зборуваме за брзи автомобили, обично започнуваме со референцата 0-100 километри на час, додека за оние многу брзите времето го мериме од мирување па до 200 километри на час (Porsche 911 GT2 RS или McLaren 720S), но за McLaren Speedtail стоперицата ќе мери од 0-300 километри на час! 12,8 секунди му требаат на Speedtail да забрза до 300 километри на час, или исто толку време колку што на еден мал градски автомобил му треба да забрза до стотка. Максималната брзина која Speedtail ја развива е 402 километри на час (250 милји на час). Ако ги ставам бројкиве во контекст, испаѓа дека Speedtail до 300 километри на час, е цели седум секунди побрз од неверојатно брзиот McLaren 720Sz и десет секунди од легендарниот F1. За волја на вистината, и по 25 години Speedtail е само 16 километри на час (10 милји) побрз од F1, но тоа го прави многу побрзо и поудобно. Ако некаде прочитате или слушнете дека Speedtail е најбрзиот автомобил во светот до 300 километри на час, да знаете дека тој податок е неточен, бидејќи Koenigsegg Agera RS го прави тоа за 11,9 секунди.
Зошто и како Speedtail е толку брз?
Според мене, покрај ниската маса (1430 килограми) и хибридниот 4.0 литарски V8 битурбо мотор кој произведува 1036 коњски сили, најголемиот и клучен фактор е надворешниот дизајн на автомобилот. Знаете ли која е најбрзата форма во природата? Капката! Ако го погледнеме Speedtail одозгора ќе видиме дека е дизајниран да “имитира” капка која струи низ воздушна маса. Од друг аспект, дизајнот на Speedtail е инспириран од брилијантните автомобили од групата “C” на Ле Ман, кои во средината на одудесеттите развивале брзини од преку 400 километри на час во трка!
Заеднички именител на овие тркачки ремек дела и Speedtail е таканаречениот “low drag” дизајн. Верувале или не, Speedtail е долг 5.2 метри, односно десет сантиметри повеќе од последната генерација на Mercedes-Benz S класа. Како што можете да видите, целиот заден дел е дизајниран да биде low drag. Сега сигурно се прашувате што ќе се случи доколку малку побрзо влезете во некој свиок? Ништо драматично, затоа што задниот дифузер кој е сместен под прилично чуден агол ќе се грижи за вас и вашиот Speedtail. Сепак, за мене најинтересни се задните спојлери кои се направени од флексибилен карбон фибер (да се витка), кои под притисок на воздухот ја прилагодуваат својата позиција, со што се анулирани додатни механизми. Иморесивно! Сепак, не претерувајте, или пак со ситното набавете си Senna кој е створен за свиоците. За разлика од било кој нов супер/хипер автомобил, кај Speedtail ќе забележите дека во предниот дел нема никакви отвори или канали, туку мазна аеродинамична целина, која прави автомобилот да изгледа како да има насмевка. Таа “милионска насмевка” го ублажува протокот на воздушните маси при големи брзини, за да ме чувствувате никакви турбуленции. Минорни, но еднакво радикални low drag решенија се карбонските капачиња на предните тркала и малите HD камери во кои служат како ретровизори.
Да речеме се најдете на делница која ви овозможува да ги почувствувате тие 12-13 или повеќе секунди на Speedtail… Се што треба да направите е да притиснете на копчето Velocity Mode, кое се наоѓа над вашата глава. Оваа опција ќе го спушти автомобилот за 35mm, ќе ја засили работата на моторот и вртежите за побрзо да ја полни батеријата и ќе ги “голтне” страничните ретровизори т.е камери кои се наоѓаат во вратите.
Внатрешноста е футуристички елегантна, ако може така да се каже, што е сосема различен пристап од концептот на спартанска внатрешност кај духовниот предец, F1. Освен во кровот, т.е над вашата глава, копчиња нема да најдете никаде во кабината. Пред вас има сам пет дисплеи, три во функција на ретровизори, еден за основните параметри на возилото и еден за контрола на светла, клима уред, GPS и забава. И толку. Вашето седиште е во средината, а вашите сопатници се ќе седат малку позади вас.
За крај да резимирам: Се уште е рано да се констатира дека Speedtail е најдобриот McLaren досега. За тоа треба да помине некое време. Она што дефинитивно можам да го констатирам, е дека Speedtail е најбрзиот McLaren и еден од најубавите автомобили што сум ги видел. Дефинитивно не е практичен, но кому му е гајле. За разлика од цените на конкурентите, 2,4 милиони евра за оваа убавина се “багатела”. Би можел да биде барем 20 километри побрз, но акцентот е ставен на забрзувањето. И убеден сум дека ова не е се што Speedtail може… Верувам дека ќе го видам овој автомобил на патеката Ле Ман, каде ќе блеска како и својот претходник.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.