Не постои истант решение, постојат интервентни мерки коишто може да го ублажат, меѓутоа не да го решат проблемот со загадувањето на воздухот, рече вечерва градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, во емисијата „Топ тема на ваша страна” на тв Телма.
– Откако станав градоначалник, воведовме 27 нови интервенти мерки што во претходната градска амдинистрација не постоеле – формирано е А.Д. Градски енергетски системи, субвенционирање чистење оџаци, обезбедени се прочистувачи на воздух за секоја улилница во секое училиште, 11 средни училишта станаа енергетски ефикасни, бесплатен јавен превоз во денови на енормно загадување, во тек е набавка 30-40 еко автобуси на гас, субвенции за велосипеди, за електрични тротинети, ја проширивме мрежата на велосипедски патеки, подготвивме закон за налепници на возила кои не ги задоволуваат еко стандардите, бесплатен автбуски превоз за сите средношколци, бесплатни автобуски линии до Водно секој викенд, кажа Шилегов.
Посочи дека има целосно разбирање за загриженоста на граѓаните, бидејќи како што рече, воздухот што го дише градоначалникот и неговото семејство е истиот воздух што го дишат сите скопјани.
– Не постои посебен воздух и заради тоа стратегијата која што ја воспоставивме и која што може да даде сериозно добри резултати на среден рок преку формирањето на Градското претпријатие Градски енергетски системи кое што ќе раководи со топловодната мрежа и со гасификацијата на градот е еден од начините да се елеминираат 53 проценти од загаденоста, рече Шилегов.
Посочи дека е алармантна ситуацијата, оти ако не се преземе нешто ургентно во среден рок, десетина години од сега податоците коишто ги читаме на мерните станици ќе изгледаат дури и мали.
– Не случајно сметам, моето мислење, мојата заложба во текот на оваа година, сведоци сте и вие и јавноста, е дека мора конечно мора да профункционира ова Градско претпријатие, мора да ги добие потребните лиценци затоа што некаде над 56-57 илјади домови во Скопје се надвор од организиран систем на загрезавање на домовите и ние мораме да ги подведеме тие домаќинства во што е можно поголем број или во системот на топловодната вода за загревање, изјави Шилегов.
Државниот секретар во Министерството за животна средина Ана Петровска рече дека уредите за мерење на загаденоста се доста стари, трошоците за нивно одржување се високи, па затоа ќе мора да се набават нови мерни единици за што е потребно време.
– Еден нов инструмент ќе чини околу 150 илјади евра. Во процес сме на обезбедување дополнителни средства на нови мерни инструменти од шведска Влада и од ЕУ во рамки на ИПА 2. Приоритети на државата се во економскиот развој, а не екологијата. Околу еден процент се зголемува буџетот од година в година на Министерството, рече Петровска.
Ели Пешева од Коалицијата за чист водух О2, рече дека тешко е да се дојде до податоци за состојбите за загадувањето од надлежите институции, и кога го имаме најзагадениот град мора сите да преземат одговорност за подобрување, а дел од мерните станици не работат.