Последниве денови низ светот и на социјалните мрежи многу се зборува за финскиот претседател Нинисте Саули, но не поради некаков си светски настан, туку поради еден мал обичен човечки гест нетипичен за најголемиот дел државници низ светот.
Имено, на почетокот на месецов Саули присуствувал на саемот на книга во финскиот град Турку, каде што неговата сопруга Џени Хауко држела говор. Како што пренесоа некои од медиумите, наводно во салата немало ниту едно слободно столче, па финскиот претседател ноншалантно си седнал на скалите. Дел од присутните кои го забележале тоа му понудиле да му го отстапат местото, но претседателот љубезно одбил.
Токму фотографијата од тој негов „гест“ е заслужна што Нинисте Саули стана вирален на социјалните мрежи. Корисниците се воодушевени од неговата „понизност“ и коментираат дека вакво нешто – претседател кој се однесува како било кој обичен граѓанин, е можно само во Финска.
Пофалбите, во меѓувреме, стигнаа и до самиот Саули. Тој на Твитер „одговори“ дека му било многу удобно на скалите, особено што во секој момент имал можност да стане и да си замине. Но не го направил тоа, вели, затоа што говорот на неговата сопруга бил доста интересен.
На финскиот претседател ова не му е прв ваков „престап“. Во април годинава, Саули беше во службена посета на Хрватска, а на враќање леташе со нискобуџетната авиокомпанија Norwegian, седнат во економска класа. За волја на вистината, финските медиуми потенцираа дека претседателот обично патува со бизнис класа, но во тој момент немало лет од Сплит до Хелсинки со таква можност, па затоа Саули патувал како и секој обичен смртник. Што сепак е нешто што малку претседатели во светот би го направиле.
Just president of Finland flying home with Norwegian. @iltalehti_fi #sauliniinistö pic.twitter.com/GIyHBUDeHm
— Elena Liski (@ElenaLiski) April 12, 2018