Генералниот впечаток за Финците е дека се студени и недружељубиви луѓе со кои тешко се комуницира. Еве видете го Кими Раиконен од Формула 1 – кога последен пат сте го виделе да го смени сериозниот израз на лицето или да размени повеќе од два збора со колегите/конкурентите додека чекаат да излезат на подиум по завршување на трката?
Куп стенд-ап комичари се имаат шегувано околу нежелбата на Финците да учествуваат во мали бесцелни разговори. Таа нивна особина е прочуена дури и во Кина, каде луѓето кои не обожаваат да се социјализираат, на пример, ги нарекуваат „Финци по дух“.
Сепак, спротивно на општиот впечаток, Финците се страшно добри пријатели, ако успеете да го пробиете мразот. А потоа е лесно; излегувате на пијачка, таа се претвора во долга неколкучасовна вечера, а се прави муабет за сé и сешто, од политика и религија, па сé до секс и интимни односи. Така се спријателуваат луѓето во Финска – без заобиколување. Прашајте некој Финец и ќе ви објасни дека тие се луѓе кои немаат време, а ни желба, да си муабетат празни глупости. Гуглајте „finnish nightmares“, на пример, и ќе најдете вакви мемиња:
По финската логика, кога нема важна тема за разговор, тогаш нема ни смисла да се разговара. Една од народните поговорки во Финска гласи дека „молчењето/тишината е злато, а разговорот е сребро“. Што значи дека бесцелни разговори надвор од тие во семејството и со пријателскиот круг – нема.
Лаф муабет со шанкер/келнер/ка додека ви го приготвува пијалокот? Не постои такво нешто, сé е сведено на тоа што точно е вашата порачка. Да му пријдете на непознат додека чекате автобус? Апсурд! Ако сте странец во Финска веројатноста е голема дека во околината токму вие сте најгласните.
Од друга страна, во земјата има над 2 милиона сауни во кои повеќето посетители се целосно голи и неретко седнати доста близу еден до друг. Со таква блискост, на пример, Финците немаат ништо против. Ама кога сте облечени, преферираат да одржуваат дистанца.
Тие одбиваат да практикуваат банална љубезност, толку типична за многу други култури, а и не гледаат објективна причина да присвојат такви навики. Тоа оди до таа крајност што кога Финците одат во странство, тогаш првпат се запознаваат со концептот на безначајните разговори. Некои одат дури дотаму што минуваат низ обуки во кои се симулираат секојдневни ситуации, за да се навикнат да бидат поотворени со непознати. Раководителите на тие обуки често прават списоци со безопасни теми за разговор или рекреираат сцени од кафулиња, автобус, продавница… Други Финци, пак, за друштвените навики на локалните се подготвуваат преку филмови и телевизија, обидувајќи се да го научат стилот на комуникација на жителите во земјата каде планираат да гостуваат. Но и покрај тоа што многумина од Финците признаваат дека сакаат да се подружељубиви со другите, како и покрај сите овие напори, во пракса тешко се изборуват против нивната вродена срамежливост/резервираност. А за постоење на таквата, се смета, постојат неколку главни причини/теории.
Една од нив е дека во минатото патувањето низ земјата било доста тешко и временски долго. Затоа Финците имаат изградено став дека ако си изминал долг пат, нема смисла да губиш дополнително време со празни приказни, или пак дека ако те чека долг пат, мали безначајни муабети нема да те спасат.
Според друга, самите Финци просто не сакаат да се променат. Тие не гледаат ништо лошо и погрешно во својата дистанцираност. Во крајна сметка, секоја култура самата си ги гради друштвените норми, а во Финска молчаливоста не се смета за негативност. Молчењето во многу случаи се јавува и се сфаќа како продолжение на разговорот, а не како неудобна пауза која треба под итно да биде пополнета со празни муабети и брборење. Тоа го потврдува и едно истражување на универзитетот во Оулу (град во Финска), кое покажува дека дури и блиските и роднините во Финска често комуницираат преку таканаречената „пријатна тишина“. Кога странец го гледа тоа од страна, тешко може да ги оцени сите нијанси на таквата комуникација и блискост.
Исто така, Финците и јазикот го користат поинаку. Во најголемиот дел од светот, прашањето „Како си?“ е само уште еден поздрав кој воопшто не се разликува од едно обично „здраво“, и не подразбира дека другиот треба да одговори. Во Финска, меѓутоа, тоа прашање подразбира содржаен одговор и вистински опис на тоа што и како се случува во вашиот живот.
Освен тоа, во земјата има два официјални јазици – фински и шведски, а ниту еден од нив не може да се окарактеризира како лесен. Децата, исто така, уште од најрана возраст почнуваат да учат англиски. Затоа понекогаш „студеноста“ на Финците не се должи на немање друштвена интелигенција, туку на стравот од тоа дека нема да успеете да си ги изразите сите мисли и чувства доволно јасно и правилно за другата страна да може соодветно да ги разбере. Тоа е уште една голема причина зошто Финците преферираат да замолчат, отколку да ризикуваат да кажат нешто непрецизно и неточно.
Не помалку важна е и особената почит која Финците ја имаат кон туѓиот личен простор. Да започнете разговор со некого онака, без причина, може да значи дека му причинувате силна неудобност. Сосема е возможно другата страна да не сака да биде учесник во разговор баш во тој момент. Затоа Финците се воспитувани да ја негуваат и почитуваат таа дистанца.
И така, тешко дека туку така ќе се расприкажете со некој по улиците на Хелсинки, на пример. Но еднаш штом го стопите мразот со Финците, многу е веројатно дека сте добиле вистински и доживотен пријател.