Македонскиот идентитет за мене не се сведува само на прекрасната кујна, туку и на Делчев, Груев, Сандански…

2

Мицкоски: Идентитетот не е само кујна

Премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес-конференција со еврокомесарката Марта Кос, истакна дека македонскиот идентитет опфаќа многу повеќе од традиционалните специјалитети. Тој наведе значајни историски фигури како Гоце Делчев, Даме Груев и Јане Сандански.

„Мојот идентитет не е само во вкусовите на македонската кујна, туку и во историјата, фактите и луѓето кои го обликуваа нашиот народ. Не знам дали и колегите од источниот дел ќе го споделат моето мислење, но токму тие имиња се неделив дел од нашиот идентитет“, изјави Мицкоски.

Реклама

Кога беше прашан за спорните амандмани од бугарски европратеници во врска со Извештајот за Македонија, кои директно влијаат на идентитетот, тој рече дека се што може да се очекува, е возможно.

„Во Европскиот парламент (ЕП) се очекуваат различни манипулации, и затоа сум исклучително внимателен. Се водам според максимата: не ги слушајте само зборовите, туку погледнете ги делата“, нагласи премиерот.

Тој посочи дека македонскиот идентитет е нешто што носиме длабоко во себе, но дека во последните три децении, изгубивме значителен дел од него, менувајќи и знаме и име, и во контекст на постојаните промени во Уставот.

„Како што стоиме сега, нема гаранција дека оваа последна отстапка не е само една од многуте што ќе мора да ги направиме. Затоа, внимателноста е од клучно значење“, додаде тој.

Реклама

Еврокомесарката Кос, во одговор на Мицкоски, истакна дека идентитетот не смее да биде предмет на политички одлуки. Според неа, него го сочинуваат и гастрономските традиции како тавче гравче и полнети пиперки.

„Идентитетот е длабоко вкоренет во нас и не зависи од политиката. Тоа е она што го чувствуваме во срцата, како ја негуваме нашата традиција и култура“, рече Кос.

Таа нагласи дека членството во Европската унија е најдоброто средство за заштита на македонскиот идентитет, култура и јазик, укажувајќи на принципот на разноличност на кој е изградена ЕУ.