Ако некогаш решите да се здебелите 7 кила за 23 минути, Турчинката Черен Јилмаз знае како тоа да го направите.
Неодамна таа учествуваше на натпревар за брзо јадење во еден ресторан во Анталија, и успеа да го собори досегашниот рекорд од изедени 194 шишќебапи за 18 минути – сопственост на Бурса Канимогла.
Јилмаз, која пред „ручекот“ тежела 40-тина килограми, успеала да изеде неверојатни 255 шишќебапи, за само, како што рековме погоре, 23 минути. Попат испила и 3 чаши ајран, 2 шишиња вода, а мезнала и салата.
По натпреварот, Јилмаз изјави дека се пријавила на натпреварот за да им врати на сите што ја исмевале поради тоа што била слаба. Со новата килажа од 47 килограми, може да се рече дека мисијата е исполнета.
Патем, за победата извојувана меѓу вкупно 21 студентки, Јилмаз доби мобилен телефон и златен накит во вредност од 55 евра, како и право бесплатно да јаде во ресторанот во следните 4 месеци.
Сопственикот најавува дека следниот натпревар ќе биде за мажи, а од нив ќе се бара да изедат над 300 шишќебапи.
виа Таратур