Северна Македонија со македонски јазик и идентитет – од словенско потекло, Заев за новото име ќе испрати писма до 190 земји

Договорот имал 20 страници и речиси сите детали биле веќе договорени, пишуваат денеска грчките медиуми пред, за денеска закажаниот нов телефонски разговор меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Неколку медиуми од Грција веќе објавија дека новото име и за меѓународна и за домашна употреба е Република Северна Македонија (Republic of North Macedonia, на англиски). Следуваат измените во Уставот.

Придавката македонски пред државјанството и јазикот останува, со дообјаснување. Македонскиот јазик е словенски јазик, а за државјанството ќе се користи терминот македонско/граѓанин на Република Северна Македонија кој не е поврзан со со античката грчка цивилизација.

Од македонскиот Устав ќе треба да се избрише членот кој предвидува грижа за „македонското малцинство“ надвор од границите на државата.

За комплетирање на договорот ќе се чека на ратификација во македонскиот парламент, а, како што е и најавено, ако претседателот не го потпише, ќе се оди на второ гласање.

Потоа,пишуваат грчките медиуми, грчката влада со писмо ќе ги информира ЕУ и НАТО дека го охрабрува почеток на преговори со ЕУ и добивање покана за членство во Алијансата, откако ќе се извршат уставни промени.

На Советот на министри за надворешни работи на ЕУ и подоцна на Самитот на ЕУ, Грција ќе бара да ѝ биде даден позитивен сигнал на Македонија, и покрај противењето на Франција и Холандија, но со поддршка на Германија.

На 11 јули, на самитот на НАТО во Брисел, Република Северна Македонија ќе добие покана за членство во НАТО која ќе зависи од уставната ревизија.

Македонскиот премиер Заев со писмо ќе ги информира 190 земји членки на ОН дека земјата во иднина ќе го користи името Република Северна Македонија во билатералните односи и во меѓународните форуми.

До октомври во Македонија ќе треба да се организира референдум и ако резултатот е позитивен, ќе се продолжи со уставните промени. Ако резултатот е негативен, планот „Б“ е да се свикаат предвремени парламентарни избори кои во истовреме ќе бидат и своевиден референдум за името.

„Откако Скопје ќе го комплетира целиот процес, договорот ќе треба да биде ратификуван од грчкиот парламент, а во истовреме ќе се изврши и ратификацијата за членството на земјата во НАТО“, пишуваат грчките медиуми.

По денешниот разговор меѓу Ципрас и Заев, се очекува да се вклучи и медијаторот Метју Нимиц. Ако сѐ оди според планот можна е средба меѓи Зсев и Ципрас во Преспа до крајот на неделава.

Maкедонската страна барала целосна имплементација на договорот за 24 месеци, а грчката за 12 месеци, па договорот бил за 18.

Се бара модусот за безбедносни гаранции за правна сигурност ако страните не го почитуваат договорот.

Медиумите блиски до власта велат дека со овој договор Грција добива сложено име со географска одредница за севкупна употреба што е национална позиција од 2008 (Северна Македонија), ерга омнес и промени во Уставот на Македонија, а тоа значи и во пасошоите и другите документи на македонските граѓани. Како награда за ова, Грција очекува одредени „подароци” од Меркел – одложување на намалувањето на пензиите или подобри услови за грчкиот долг.

„Скопје добива потврда за македонскиот идентитет со референца дека нема поврзаност со грчката античка култура, потврда за македонскиот јазик, кој е словенски јазик и нема никаква врска со грчкиот антички период кој никогаш не бил предмет на преговарање на Атина заради признавањето во 1997 гоина. НАТО/ЕУ договор за условна интеграција со изјаснување на референдум „без договор нема НАТО”, пишуваат грчките медиуми и додаваат дека ова ќе биде добра основа и за решавање на црковното прашање.

- Реклама -