Еден куп фудбалери имаат еден куп тетоважи (вчера ги спомнавме најглупавите), а Роналдо нема ниедна. Зошто?
Роналдо има тело на кое обичните смртници можат да му позавидат, и тоа не се срами да го покаже. Ама кога Роналдо соблака дрес да прослави гол, барем од аспект на тетоважите, тој во споредба со другите фудбалери изгледа како дрво без листови во зима. Сепак, колку и да сте ЗА тетоважи, причината зад „чистото“ тело на Роналдо не можете да не ја сакате.
Иако неговиот поранешен тренер сер Алекс Фергусон во биографијата наведува дека Роналдо не се тетовира зашто смета дека неговото тело е премногу совршено за така да го уништува, во медиумите се наведуваат други причини.
Имено, фудбалерот многупати во јавноста говорел за давање крв, а и самиот е познат како редовен дарител. Во 2015-та за Eurosport, на пример, изјави дека:
„… можеме да направиме голема разлика ако сите донираме крв… Секоја донација на крв може да спаси три животи во итни случаи, и да биде од корист за долгорочни медицински третмани. Затоа сум ентузијаст на тоа поле, затоа ја нагласувам важноста на давањето крв, и сакам да ги охрабрам луѓето ширум светот редовно да даваат крв и да спасуваат нечиј живот“. Роналдо има зборувано и повикувано на давање крв и на социјалните мрежи, во повеќе наврати.
Но да се вратиме на тетоважите. Имено, давателот на крв не смее да дава крв најмалку четири месеци по тетовирањето. А Роналдо не само што се чини е редовен дарител на крв, туку има донирано и коскена срж!
„Тоа беше кога Карлос Мартинс беше со нас во националниот тим. Ни кажа дека син му е болен, и ние – играчите, покажавме слога и желба да му помогнеме нему и на синот, бидејќи знаевме дека ситуацијата е многу комплицирана“, рече Роналдо.
Иако на нам останатите ни се згрчува фацата од самата помисла на донирање коскена срж, Роналдо нé убедува дека тоа не е така тешко и болно како што многумина мислат. Додава и дека би го направил пак, кога и да се јави потреба за некој од тимот.