Зошто Јапонија е подобра од останатиот свет сме пишувале и можеме да пишуваме до задутре. Сепак, сето тоа може да се сведе на една реченица – затоа што јапонското општество, т.е. Јапонците, се култивирани да се однесуваат мислејќи и на другите околу нив.
Јапонците не мислат само за себе, туку автоматски го прават правилното нешто, што потоа се одразува во подобар живот за сите, тргнувајќи од малите, па до големите работи.
Да почнеме од ескалаторите: Дури и во земјите каде што има знаци, тие не се почитуваат. Во Јапонија пак, тие што не им се брза (значи стојат) автоматски ќе се наредат од едната страна на ескалаторот за да можат тие што им се брза непречено да ги поминат во другата лента. Во други земји или ќе си стоите зад сите, или ќе треба да се лактате, па можеби и степате.
Знаете зошто Јапонците спијат во метро? Дури и во преполно метро? Да, и затоа што се изморени, ама и затоа што сите во метрото се однесуваат љубезно и културно, и се ТИВКИ, па човек може да спие.
А улиците, знаете зошто им се чисти? Не зашто имаат којзнае колку подобра комунална служба од нашата (имаат, ама нејсе), туку зашто не фрлаат ѓубре каде ќе стигнат.
Во Јапонија и обичен смртник ќе се чувствува како Височество. Тоа е затоа што сите се љубезни и ќе ве послужат со насмевка и со поклонување, макар и додека ви враќаат кусур.
Истава оваа култура на меѓусебна почит создава неверојатно безбедна средина за сите, која за остатокот од денешниот свет е своевидно чудо.
Во полно кафуле, на пример, можете да го оставите лаптопот и телефонот без никој да ви го украде.
Можете да го оставите и точакот на улица, и ќе биде таму кога ќе се вратите. Дури и да го оставите отклучен, никој нема да ви го украде.
На улица ќе најдете дури и скутери оставени сосе клучот. И не е дека Јапонците тоа го прават затоа што се заборавени или брзале. Иако секој што ќе помине може да седне и да ви кидне со моторот, никој тоа не го прави.
Ете, така изгледаат дооолги години култивирање на општество со меѓусебна почит, од кое можат да учат сите во светот.