Овие деца најмногу заработуваат кога ќе пораснат

Студија со времетраење од 40 години открива кои „непожелни“ особини кај децата се показател дека ќе бидат успешни подоцна во животот.

Ако ве пуштат во школо и ве задолжат да предвидите кои од децата меѓу шестоодделенците ќе имаат највисоки примања кога ќе станат возрасни, кои деца би ги избрале? Тие што сакаат да учат и имаат најдобри оценки? Тие што се послушни и им се омилени на учителите? Атлетските деца кои активно тренираат? Кои од наведените и да ги изберете, ќе згрешите.

Најдобриот избор, т.е. децата со најдобри изгледи за најголема заработувачка, според студијата објавена во Developmental Psychology, се децата што пркосат, тие кои ги кршат правилата.

Во 1968 година истражувачите почнале да проучуваат 12-годишни ученици кои тогаш биле во шесто одделение. Ја следеле нивната интелигенција, карактер, однесувањето и социоекономскиот статус на нивните родители. 40 години подоцна, следени се истите параметри кај истите тие „деца“.

Се покажало дека децата кои од учителите биле опишани како „вредни“ и дека „сакаат да учат“, имале поголеми шанси за престижни професии. Меѓутоа, се покажало и дека таквите не се меѓу тие што заработуваат најмногу кога се возрасни. Најголеми приходи имале „немирните“ деца, кои ги кршеле правилата и им пркоселе на родителите.

Една од причините, според истражувачите, е тоа што таквите „деца“ не се плашат да преговараат за повисоки плати или повишувања. Друга можна причина е што таквите деца го ценат натпреварот, т.е. сакаат да се конкурентни. Наместо да се грижат за тоа дали ќе се согласуваат со другите, тие се повеќе заинтересирани за личен напредок и остварување на своите цели.

Авторите на студијата не нашле никакви докази дека некои од тие со најголеми приходи тоа го оствариле неетички или преку криминал. Но од друга страна, авторите не ја отфрлаат таквата можност.

- Реклама -