Што е сексомнија?

Иако терминот сексомнија звучи како нешто забавно (главно зашто вклучува „секс“), за тие кои патат од таквата состојба претставува доста сериозен проблем кој може да ја уништи врската, ама ако немате среќа и да ве смести во затвор.

Да се страда од сексомнија значи дека лицето има секс или мастурбира за време на сонот, а следниот ден ништо не се сеќава.

Роботски секс

„Моторот работи, ама нема возач зад воланот“ – се зборовите со кои еден адвокат ја опиша состојбата во одбрана на клиент кого го судеа за силување. Имено, обвинетиот не се ни сеќавал дека имал секс со жената која го обвинила за сексуално злоставување, ниту пак имал контрола над самиот себе.

Очекувано, по тој случај, во последно време сексомнијата сé почесто се користи како одбрана во судењата за силување, пишува News.com.au. Лани во Велика Британија насловните ги полнеше случај во кој Лоренс Барил беше ослободен од обвинувањата за силување, бидејќи судот одлучи дека страда од сексомнија.

И неговата сопруга пред судот во Глазгов ја потврди одбраната; дека често ја будел среде ноќ и имале секс додека тој делувал како да спие. „Не знаев што да мислам, мислев дека тоа му е начин да ја зачини врската“, изјави таа. Мажот пак инсистирал дека не се сеќава на тие инциденти, за кои жената рекла дека ги имало неколку стотина.

Наслов од еден пакистански информативен портал од пред некоја година: „Маж обвинет за стотици силувања вели дека има сексомнија“

Експертите велат дека сексомнијата е вид на парасомнија – абнормално однесување кое се појавува во длабоката фаза на сонот. За време на нападот, лицето со сексомнија се допира или се обидува да има секс со тој што му е во близина.

И тоа не добар секс. Според тие што имале „блиска средба“ со лица со сексомнија, се работи за автоматизиран и роботски однос.

Нема многу сексомнијаци

Сексомнијата е прилично ретка состојба, особено во споредба со месечарење, на пример. Најчесто од сексомнија страдаат мажи. Клиничкиот психолог од универзитетот Викторија во Мелбурн вели дека во својата 20-годишна пракса сретнал само 4 или 5 вистински случаи на сексомнија.

„Луѓето кои патат од сексомнија обично имаат подолга историја на месечарење или други необични однесувања во сонот. Лицето нема сексуални соништа, туку само се однесува автоматизирано“, објаснува тој.

Иако причината е сé уште непозната, експертите сметаат дека иницијална каписла за нападите можат да бидат стресот, алкохолот, апчињата за спиење или недостатокот на сон. Третманот вклучува медитација за подобрување на спиењето, совети со експерти и избегнување на причинителите наведени погоре.

 

- Реклама -