Како ги растат децата во Данска?

Данска е една од најразвиените земји во Европа, а Скандинавијата важи за пример за тоа како треба да функционираат државите и како да се однесуваат грaѓаните. Па, ајде да пробаме нешто да научиме од нив.

Хрватката Кристина Волспергер Даниловски на почетокот на 2009 се преселува со семејството во Копенхаген. Сите доживувања ги опишува како што ги чувствува и ги споделува преку меил со своите пријатели дома. По три години се враќа во Хрватска, а врз основа на писмата, ја објавува книгата „Данци и странци“. Со оглед на тоа што нејзините деца тие три години растеле во Данска, книгата нуди темелен увид во тоа како Данците, на кои ние гледаме како пример, ги воспитуваат своите деца.

Првата средба со разликите на животот во Данска се случува при уписот на нејзиното дете во градинка. Се разбира, Кристина очекува дека ќе влезе во весела, шарена, топла градинка, со заинтересирани и посветени воспитувачи. Но всушност, излегува дека детето го запишала во објект сличен на барака, со сиви ѕидови и подови, без весели бои, без играчки и цртежи. Воспитувачите едвај и да им посветувале внимание на децата.

AKO ПАДНЕШ, ЌЕ НАУЧИШ

„Данците веруваат дека од мали нозе треба да ги воспитуваат децата да бидат индивидуалци, да се грижат сами за себе и сами да се забавуваат. Данските мајки не трчаат зад своите деца и не викаат „немој, немој, пази, ќе паднеш“. Тие веруваат дека детето мора да падне и дека така ќе научи. Во јаслито на мојот син, кога имаше само две години, сметаа дека е во ред да ги пуштат децата да излезат без капа по снегот, да премрзнат или прокиснат, затоа што следниот пат сигурно нема да ја заборават капата“, вели авторката.

„Нашиот менталитет тешко го прифаќа ова, ама Данците израснуваат во среќни, здрави и одговорни луѓе. Само што имаат поинаков пристап. Нема тука подобро или полошо – едноставно е различно. Зарем е подобро постојано да скокаме околу децата како што ние правиме? Зарем е подобро што нашите градинки мораат да бидат розеви или сини и полни со цветови? Дали е објективно подобро? Дали е подобар нашиот менталитет во кој и последниот денар оди за детето? Зарем е подобро родителите да немаат ништо, а децата да носат брендирана облека и да слават скапи родендени? Не знам! Тоа, во Данска, го нема. Облека се купува само кога се мора, и тоа ефтина. Играчките се ретки, како и слатките. Веројатно, најдобриот пат е некаде во средина“.

ДЕТЕТО СПИЕ НАДВОР

Едно мрачно утро, при студени северни ветрови пропратени со ситен дожд, Кристина поминувала покрај десетиците колички за бебе, паркирани во дворот на градинката во која таа била на пат да го остави својот расплакан син за прв пат. Одеднаш, слушнала тивко стенкање и бебешки плач. Помислила дека и се причинува, но сепак погледнала во количката. Неверојатно, но во 9 од 10 колички спиеле повиени бебиња, надвор, на отворено, на нордискиот студ, без надзор. Авторката тогаш сеуште не знаела дека Данците длабоко веруваат во терапевтскиот ефект од детското спиење на отворено, без надгледувач. Но, сега знае дека тие воопшто не разбираат зошто остатокот од светот панично вика полиција и социјална служба кога на улива ќе наиде на количка со расплакано бебе. Во данските градинки, таквото чување на децата е стандард – ако градинките немаат двор, мораат да имаат осигурано тераса за детска спавална на отворено.

МЕСТОТО НА ДЕТЕТО МУ Е ВО ШУМА

Како што опишува авторката, Данците се непоколебливи кога се работи за екологијата и здравиот живот. Данските деца ретко добиваат слатки, а се внимава редовно да јадат сурова и свежа храна. Не им се купуваат играчки до бескрај – мораат да бидат креативни и да си играат надвор, без мешање со возрасните. Па така, особено популарни се шумските градинки – нешто за што кај нас би се кренале на нозе сите активисти и здруженија за детски права, заедно со МВР, и кривично би го гонеле одговорниот за една таква градинка сместена на ливада или во шума надвор од градот, како да е полско ве-це. Дури и најмалите, двегодишниците, поминуваат осум часа секој ден – во шума, без покрив, без зграда, без играчки, без греење, и тоа во земја во која сериозната зима трае од крајот на септември до средината на мај. Децата носат пакет со ужинка, претежно свежа храна. Основно правило е дека мораат самите да се анимираат, без вмешаност на педагог. По осумчасовната смена, децата ги враќаат назад во градот.

Според искуството на Кристина, тешко е да замислиме како некоја македонска мајка би допуштила нејзиното дете да помине осум часа дневно, само, на -10 степени. Од друга страна, нема македонска мајка, за разлика од данските, што не знае за тоа детето да се разболи во градинка. „Во шумските градинки нема ни вируси ни бактерии. Тие деца се здрави како дрен“, вели Кристина.

ТЕМПЕРАТУРА? НЕКА ЛЕЖИ ГОЛО НА СНЕГОТ

Данците не наседнуваат на измамите на фармацевтските лобисти и не трошат неопходно на лекови, бидејќи „од најголем дел од болестите не се умира“. Тоа е честа фраза што ја употребуваат и просечните Данци, но и нивните лекари. Тоа е фраза што ја прифатила и Анкица, една бегалка од Босна која веќе 20 години работела како воспитувачка во една таква шумска градинка. Токму Анкица ја тешела Кристина кога добила нервен слом, откако во градинката го видела своето голо (по пелена) дете легнато крај отворен прозор, сред зима. Воспитувачите го поставиле таму, зашто „така природно се симнува температурата“. Андоли, сирупи и облоги со ракија се нешто што данските мајки го презираат, исто како што ги презираат и беспотребните одења на лекар, заради висока температура, на пример. Од друга страна, па и тешко е да се стигне до доктор со такви симптоми, бидејќи на лекар се оди исклучиво со интернет или телефонска најава. Кристина морала да бара совет од докторите во Хрватска за да и помогнат да ги преувеличи симптомите и единствено така да добие термин во ординацијата во Данска.

ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ, ДАНЦИТЕ САКААТ ДЕЦА

Данска е една од ретките земји во Европа кои немаат сериозен проблем со наталитетот. Нивните жени просечно раѓаат по 1.8 деца во текот на животот, а тоа е видливо и на улица – децата се насекаде, родителите ги водат со себе секаде каде што можат, бидејќи дадилките се неприфатливи за нив. Данска спаѓа во земјите со најголем процент на жени кои се подложуваат на медицински потпомогнато оплодување. Колку и да не ги разбираме нивните методи, факт е дека Данска е држава што ги сака децата и семејството. Не дека нема разводи, ама и по разводот, родителите подеднакво се грижат за своите деца. За нас необично, но добар дел од жените имаат деца со повеќе мажи. Геј паровите нормално посвојуваат и се грижат за децата, а дури и самохраните мајки често се подложуваат на вештачко оплодување. Семејната разноликост се почитува, а децата се сакани.

ПС. Според истражувањето на њујоршкиот универзитет Колумбија, Данците се најсреќен народ на светот, иако зимата им трае подолго од пролетта, летото и есента – заедно, а најголем дел од годината се стемнува околу 16 часот.

- Реклама -