Иако Мишел Мајерс живее во Аризона цел свој живот, едно сабајле се разбудила и оттогаш зборува со британски акцент.
На „кобната“ вечер, во 2015-та, Мишел легнала да спие со „заслепувачки силна“ главоболка. Оттогаш на сите околу неа им звучи како Мери Попинс.
Но ова не ѝ е првпат. И порано ѝ се има случувано. Еднаш се разбудила и зборувала со ирски акцент, а еднаш и со австралиски. Разликата во тие случаи со овој последниов е што тие траеле најмногу една недела.
Сигурно имате слушнато и за други слични примери (иако веројатно не со три различни акценти). Се вика Синдром на странски акцент (FAS, од Foreign Accent Syndrome), а истиот ѝ е дијагностициран и на Мајерс. Најчесто е предизвикан од мозочен удар или трауматска мозочна повреда. Иако луѓето со FAS зборуваат разбирливо и течно, начинот на кој зборуваат може да се промени во однос на тајминг, интонација или позиционирање на јазикот. Како резултат, звучат како странци. Во англискиот, на пример, може да се поремети изговорот на самогласките, па „yeah“ да стане „yah“.
Не е јасно дали Мајерс доживеала удар или некаква мозочна повреда, но исто така ѝ е дијагностициран и Ехлерс-Данлос синдром (EDS)- состојба која го афектира поврзувачкото ткиво на телото, а која може да резултира со разлабавени зглобови, растеглива кожа, лесно добивање модрици, како и кинење на крвни садови. Со други зборови, веројатноста дека Мајерс имала мозочен удар е прилично голема.
Синдромот на странски акцент е многу редок. Според студија од 2011-та, во последниов век се пријавени само околу 60 случаи. Во 2010-та жена во Вирџинија паднала по скали и оттогаш зборувала со руски акцент. Во друг случај, жена од Онтарио, Канада имала удар па почнала да зборува на атлантско-канадски акцент. Сличен случај имаше и во Македонија кога скопјанка почна да зборува на струмички дијалект, ама сега го измисливме.