Организаторите на „Мис Виртуелен Казахстан“ ја дисквалификуваа Арина Алиева – една од финалистките, пред сé зашто изборот е за жени, а Арина е машко. За волја на вистината, тоа го дознаа дури откако самата Арина им го призна.
Арина всушност е 22-годишниот манекен Илај Дијагилјев (Ilay Dyagilev), кој освен што ги насамари организаторите, успеа да избрука и 4.000 убавици кои се тркаа за место во финалето.
Решил да се пријави за изборот откако паднал муабет на темата меѓу него и неговите пријатели.
Ај мајтапот, ама Илај има и поента што сакал да ја пренесе:
„Кога подобро ќе погледнете, сите жени изгледаат исто – иста шминка, иста коса, ист стил… Мислат дека се убави ако ги следат трендовите. Јас не мислам така“, пренесува Metro.
Одлучил да ја разголи вистината за Арина откако пристигнале онлајн гласовите и сфатил дека поминал во финалето. „Признав кога видов дека работата отиде предалеку“, вели.
Организаторите потоа објавија соопштение дека „Арина“ е исфлена од натпреварувањето и дека се „шокирани од признанието“. Лекцијата е научена, се чини.