Еве ви супер изговор да не местите кревет

Колку пати додека сте растеле ве терале да си го наместите креветот? А знаете ли дека секој пат кога ве терале всушност веројатно ве учеле погрешно?

Не е ова некое наше бладање, туку став на научниците од универзитетот Кингстон. Нивното истражување покажа дека кога го местите креветот рано наутро, всушност ги заробувате микроскопските паразити и прашината кои во текот на ноќта се акумулираат во вашиот кревет – токму во креветот. Со тоа го правите креветот погодна средина за котење на алергени кои можат да ја влошат астмата или алергиите.

Овие микроскопски бубачки се хранат со остатоците од мртви клетки од човечката кожа, а виреат во влажни средини. Додека спиеме во текот на ноќта, нашите тела стануваат топли и испотени, правејќи нé нивна примарна мета. Дури и кога ќе станеме од спиење, оставаме остатоци од кожата и други екскременти во креветот.

Е сега, ако креветот го наместиме уште рано наутро откако ќе станеме, ние всушност ја заробуваме таа влага и со тоа овозможуваме креветот да ни стане дом на едно 1.5 милиони микро-паразити.

Ignorance is bliss.

Од друга страна, ако го оставиме ненаместен, тие се изложени на воздух и светлина, што ги дехидрира и прави да изумрат. Како што рековме, минимизирањето на нивниот број е особено важен за луѓето со астма и алергии.

Барајќи решение за проблемот, истражувачите од Кингстон развиле компјутерски модел кој го следи бројот на микропаразити во домот и креветот. Се покажало дека оставањето на креветот ненаместен во првата половина од денот е најдоброто решение – се отстранува влагата, а тоа ја намалува плодната почва за паразитите.

Ако шесте милијарди опомени од мајка ви во текот на детствотоили дисциплината во војска сепак вродиле со плод и местењето на креветот е првото нешто што го правите, барем послушајте го советот на истражувачите и пробајте да го одложите за некој час. Викаат човек учи додека е жив. Не викаат дека е лесно, менувањето навики во случајов.

 

- Реклама -