Иако мажите се научени да ги закопуваат емоциите и да си ги чуваат проблемите во себе, многу од жените ќе потврдат дека во еден специфичен аспект тоа не им успева. Кога и таа и мажот се болни, имено, таа ќе чисти по куќа и ќе функционира безмалку како ништо да не ѝ е, а мажот ќе лежи ко на смртна постела. Таквото однесување на мажите е мета на многу шеги, нели, а интернет дури му смисли и термин – „машки грип“ (man flu). Со други зборови, man flu e жалење и кукање кога ништо не ти е.
Дали концептот на „машки грип“ држи вода?
Еден доктор инсистира дека не, мажите не глумат дека се болни заради внимание и емпатија, туку таквата нивна реакција на обични настинки е реална и потекнува од послаб имунитетен систем.
Се работи за Кајл Сју, клинички асистент-професор на универзитетот Меморијал во Њуфаундленд. Тој спроведе студија базирана на разните истражувања направени низ годините. Анализирајќи ги овие други студии, тој тврди дека нашол доказ дека мажите имаат повисок ризик од тоа да завршат во болница. Кај нив, во споредба со жените, има и повисока стапка на смртност како последица од инфлуенца (т.е. грип). Згора на ова, се покажало и дека мажите се поподложни на компликации, а имаат и повисока стапка на смртност како резултат на акутни респираторни заболувања.
„Сметам дека ова истражување укажува дека мажите имаат послаб имунитетен систем, барем кога се работи за честите вирусни респираторни инфекции и грипот“, вели Сју. „Ова се гледа од фактот што имаат поизразени симптоми, кои траат подолго, а поради кои мажите имаат поголеми шанси да завршат во болница, па и да умрат“.
Зошто ваков „дефект“ кај мажите?
Иако звучи како маана во споредба со жените, Сју вели дека ова може да има еволутивни придобивки.
„Да се наоружа имун одговор на честите вируси подразбира трошење на метаболички ресурси кои инаку би биле искористени за други биолошки процеси, како растење, развивање на секундарни полови карактеристики, и репродукција…“
„Лежејќи на каучот, и добивајќи нега, исто така може да е еволутивно однесување во насока на заштита од предатори“.
Следен пат кога ќе имате температура од 37.2 и вашата женска избраничка ќе ви промрчи да го размрдате г’зот и дека ништо не ви е, седнете ја да го прочита текстов. Подобро да свари чај отколку да ве носи во болница. 🙂