За некој да биде идентификуван како психопат потребен е комплициран процес што подразбира часови и часови анализа на неговото однесување, и тоа од страна на експерт.
Сепак, сетилото за мирис би можело да биде уште едно парче од загатката што може да пмоогне во тоа.
Откритието следува откако едно истражување анализирало колку добро 79 некриминални психопати можеле да распознаат специфични мириси како кафе, риба или портокали.
Колку биле поизразени психопатските особини (манипулација, хаотичен живот и безобзирност кон другите), толку потешко им било на испитаниците да ги разликуваат мирисите.
Научниците сметаат дека тоа се должи на тоа што психопатите обично имаат нарушена функционалност на фронталните делови од мозокот. Во фронталниот лобус на мозокот се одвива планирањето, носењето одлуки, друштвеното однесување, ама и процесирањето на мириси.
Научниците наведуваат дека олфакторните (мирисни) мерења се потенцијален и интересен маркер кој покажува психопатски особини. Мирисните тестови се поспецифични и со понејасни исходи (од аспект на тоа што се очекува од испитаникот да одговори), па затоа се помалку подложни на обиди да се излаже за да се добие добар одговор.
Сепак, треба да се напомене дека лошото сетило за мирис не секогаш е знак дека лицето е психопат – се појавуваат и кај шизофренијата, кај Паркинсоновата и кај Алцхајмеровата болест.