Изложбата „Скопско око“ го кадрира урбаниот пејзаж и симболите на Скопје

Вчера во уметничка галерија ОКО (ул. Македонија бр. 5) беше отворена изложбата на фотографии насловена “Скопско око”, групна изложба на Наке Батев, Матеј Богдановски и Александар Ивановски.

Проектот го кадрира урбаниот пејзаж, симболите на Скопје, духот на градот… Авторите презентираат визуелен приказ на градот приближувајќи ни ги личните афинитети и ставови, фасцинации, критики, визии.

Портрети во Camera Obscura

Најосновната фотографска појава изразена преку дигитална техника. Со конструирање на познатата темна соба и малото дупче ја перцепираме околината на нашите лични простори. Тоа се всушност социјални портрети фотографирани во своите секојдневни средини, нивниот затворен свет. Не секогаш можеме да погледнеме во каков свет живееме па треба да пронајдеме или сами да направиме мал простор за зрак светлина. Низ најмалата пукнатина во најголамата темнина можеме да го видиме светот во нова проекција. — Наке Батев

Прошетки и возења

Градот за мене е честа инспирација за фотографија. Веќе подолго време ја истражувам оваа тема, пред се затоа што таа ми е најблиска, секаде е околу мене, а изобилува со аспекти (архитектура, лица, ситуации…) кои се благодарни за кретивното око да ги открива и вообличи во визуелно дело.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Во овие фотографии претставени се детаљи и фрагменти од градот кои обично не ги забележуваме во нашето брзо секојдневие, но преточени во слика (слика како визија) тие откриваат една потполно нова димензија.  — Матеј Бодановски

Во поинакво светло – ул. Македонија

Кога креативноста доаѓа одвнатре, доволна е само една линија да им даде на нештата околу нас поинаков облик. Таа линија, која го дели доброто од злото, убавото од грдото е истата онаа линија која може еден обичен питач да претвори во светец. Погледнете зад материјалното, сонувајте со широко отворени очи и ќе видите како се создаваат нови светови. Светови со поинакви гледишта и значења, со нова надеж, љубов и верба.  — Александар Ивановски

Изложбата се реализира под покровителство на град Скопје и истата ќе биде поставена до 16.09.2012 година.

- Реклама -