Мајка на едно кутро момче од Њукасл се побунила до основното училиште каде што учи за бајката „Заспаната убавица“ да биде отстранета од учебниот материјал. Зошто? Зашто „промовирала несоодветно сексуално однесување“.
Сара Хал се вика жената, а точката на кипење се случила кога нејзиниот 6-годишен син донел дома детска верзија на бајката. Мајкава инстантно се загрижила за пораката што приказната ја испраќа до малите деца.
Хал смета дека приказната има специфичен проблем кој се однесува на сексуалното однесување и согласноста. Се прашува и дали денес приказната е релевантна, дали е прифатлива и примерна? Со други зборови, зошто воопшто постои?
„Во денешното време, не е примерна. Син ми има само 6 години и апсорбира сé што гледа, а јас не можам тоа да го претворам во конструктивен разговор…
… Но навистина сум загрижена за младите деца, и со широко отворени раце би дочекала разговор околу тоа дали ова е соодветен материјал“, вели Сара.
Оригиналната приказна за Заспаната убавица потекнува од приказната „Сонце, Месечина и Талија“ од 16-ти век на италијанскиот поет Џамбатиста Басил (според британски Телеграф). Во оригиналната приказна, принцезата паѓа во сон поради магија, и потоа е силувана од крал кој ќе ја најде во нејзината палата додека е излезен на лов. Принцезата (Талија) подоцна се буди, се заљубува во кралот и се венчаат.
Арно ама, децата, па ни 6-годишниот син на Сара, не ја учат таа верзија. Приказната подоцна добива модерна адаптација, во која, нели, принцезата (Трнорушка) е проколната од маѓепсница да се боцне на вретено и да падне во вечен сон, додека добрите вили ќе успеат да ја ублажат магијата со тоа што ќе заспие на 100 години и ќе се разбуди ако ја бакне принц што ќе се заљуби.
Дизни ја претвори во цртан филм уште во 1959 година.
Како и да е, мајкава се почувствувала повикана да реагира инспирирана од последниве случувања со скандалите со сексуално вознемирување што го тресат Холивуд (особено Харви Вајнстајн), и нормално – кампањата со хаштаг #MeToo, која покрај вистинските жртви со вистински трауматични искуства, привлече и доста драма кралици, и меѓу мажите, и меѓу жените.
Tell you what, while we are still seeing narratives like this in school, we are never going to change ingrained attitudes to sexual behaviour #MeToo #consent #mysonissix pic.twitter.com/3g4gyjifi9
— Sarah Hall (@Hallmeister) November 19, 2017
И така, г-ѓа Хал заклучи дека приказната за Заспаната убавица (оваа модерната) е индикација за тоа колку „овој начин на однесување“ (сака да каже „култура на силувањето“ ака. rape culture) e длабоко вкоренет во нашето општество. Сите овие мали нешта се таложат, според неа, и „прават разлика“.
По нејзината логика, ни се чини, машките што пипкаат онесвестени девојки по журки и фестивали се такви зашто ја читале Заспаната убавица. Затоа Хал повикува книгата да биде отстранета од наставниот материјал во пониските класови, или уште подобро – да се користи за да се покрене разговор околу тоа како би се чувствувала принцезата и дека прво треба да даде согласност.
Нас ако нé прашате, подобро е децата воопшто да не ја знаат приказната, отколку од рана возраст да тренираат параноја (женските) и самообвинување (машките) и да бегаат едни од други ко од ѓаволи. Зашто, како што вели Сара, „овие деца имаат само 6 години, и апсорбираат сé што гледаат“.
Оставете ги децата да бидат деца. Дајте им барем шанса да веруваат дека на светов има и нешто магично и дека љубовта и доброто на крајот секогаш победуваат (што е и пораката на модерната Заспана убавица). Плус, меѓу децата нема сексуални предатори. Плус плус, вистинските предатори и манијаци ги заболе за Заспаната убавица.