Длабоко во ридовите на Босна и Херцеговина, има неколку навидум обични куќи. Но, куќите се само маска.
Пред нешто повеќе од три децении, на планината Златар близу Коњица, е изградено атомското засолниште за да служи како главна команда на поранешна ЈНА. За објектот наводно знаеле само четворица службени лица. Работниците кои помагале во изградбата на „ДО Арк“ (службеното име на бункерот) т.е. Атомската воена команда, морале да потпишат договори за тајност.
Изградбата на бункерот на Тито траела од 1953 до 1979 година, а чинела 4.6 милијарди долари. Уште од почетокот, изградбата била маскирана од природата, но и од три куќи, па по ништо не можело да се заклучи дека под нив се наоѓа веројатно најважниот објект во СФРЈ.
Трите дела на бункерот
Бункерот бил составен од три дела. Првиот бил маскирен и видлив од надвор – тоа било надзорната резиденција, потоа објектот за потесно обезбедување на Јосип Броз Тито, па потоа објектот за сместување на техничката поддршка и опрема.
Кога ќе се помине низ ходникот на првата куќа, се отвара метална врата со дебелина од 1.20 метри, зад која има тунел кој води во срцето на нуклеарното засолниште, сместено на 280 метри под земја и може да издржи нуклеарен удар од 20 килотони.
Последниот дел од објектот е во форма на потковица и има 12 блокови. Во него се противпожарниот систем, системот за заштита од нуклеарен удар и генерално другите системи за заштита, како и климата. Бункерот има резервен излез кој го нема на мапата, а води на 170 метри високиот рид над објектот.
Бункер како луксузна резиденција
На вкупно 6854 метри квадратни, распоредени се повеќе од сто соби за спиење, кои во случај на нуклеарен напад собирале и до 350 луѓе; луѓе од највисокиот политички и државен врв на СФРЈ. Во бункерот можело да се престојува дури и до 6 месеци без никаков контакт со надворешниот свет. Покрај низата простории, значаен простор заземала и Титовата луксузна резиденција со пет соби.
Денес бункерот е музеј под капата на Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина. Симболично го чуваат пет војници, а во него често се одржуваат културни манифестации.