Колку троши просечниот Американец на издршка на американските војни?

Многумина ги обвинуваат САД за иницирање на непотребни војни и империјализам, а многумина ги обвинуваат и американските граѓани бидејќи ги поддржуваат/дозволуваат истите тие војни. Дебатата дали и колку обичниот Американец е виновен за потезите на американските власти – не е едноставна. Но ако се гледа само преку парите, ситуацијата станува многу појасна.

Според новата анализа на институтот Ватсон, просечниот американски даночен обврзник, на војните во Авганистан, Ирак, Сирија и Пакистан троши трипати повеќе од проценката која официјален Пентагон ја има изнесено за јавноста. Според анализата, од 2001-ва наваму (кога се случи нападот на кулите близначки), секој Американец има одвоено по 23.386 долари на финасирање на војните.

Во јуни годинава, Пентагон рече дека трошоците за војните достигнале 1.43 трилиони долари во последниве 16 години. Но во реалноста, ако се земе во предвид тековната медицинска грижа за ветераните од тие конфликти, дополнителните трошоци на Министерството за одбрана настанати како резултат на војните, како и трошоците кои не спаѓаат под негов ресор, таа бројка е многу поблиску до 5.6 трилиони долари.

Американските Маринци во Ирак, 2004 год.

„Кога војните завршуваат, трошоците не запираат, туку растат“, вели Нета Крафорд, автор на студијата. „А овие војни се платени на кредит. Тоа значи дека ќе ги отплаќа следната генерација“.

Но војните на САД сé уште не завршуваат. Трошоците ќе продолжат да се зголемуваат, особено откако администрацијата на Трамп донесе одлука да го зголеми бројот на воени трупи во Авганистан за 3.900 војници. Тие ќе им се приклучат на веќе ангажираните 11.000, за да им помогнат во надоместување на отстапките против Талибанците од последниве години. Според буџетот на Трамп за 2018-та година, директното трошење на САД на војната во Авганистан ќе достигне 840 милијарди долари.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Генерал Џон Николсон – командант на американските сили во Авганистан, вели дека проценката на Пентагон не е и не може да биде детална, бидејќи „секоја војна чини пари пред, за време и откако ќе се случи – бидејќи владите се подготвуваат, ги водат и се повлекуваат од воените конфликти со разместување на опрема, згрижување на ранетите и обновување на инфраструктурата уништена во војните“.

Трошоците за воените ветерани на САД кои се бореа во овие конфликти, ќе траат со децении. Од почетокот на борбата против тероризмот во 2001, САД имаат нови 2 милиони ветерани, на кои државата им гарантира нега за следните 40 години (во просек). Згора на тоа, ветераните од пост-9/11 се враќаат поболни, со поголема стапка на респираторни и срцеви проблеми, како и други трауми. Три од четири ветерани од овие војни се на возраст под 45 години, а здравствената грижа за нив ќе станува сé покомплексна и поскапа како што ќе стареат. Колку за перспектива, една друга студија проценува дека во 2053 година, здравствената грижа за ветераните распуштени до 2013-та ќе чини 836 милијарди долари.

Ситуацијата, во меѓувреме, ќе станува сé потешка. „Колку повеќе луѓе САД убиваат, толку повеќе луѓе, се чини, се приклучуваат на организациите против кои веќе се бориме, па и на новите радикални групи кои никнуваат“, се вели во извештајот. Што се однесува до Авганистан, во февруари годинава „само“ 11% од 407-те области биле под талибанска контрола или влијание. Во август тој процент е покачен на 13%. Во споредба со до пред 6 месеци, денес околу 700.000 повеќе Авганистанци живеат под талибанска контрола или влијание.

- Реклама -