По успешниот поход во Египет, Гај Јулиј Цезар се вратил во Рим (во 46 год. п.н.е.) со еден куп „сувенири“. Меѓу нив, и едно многу чудно животно. Имало долг врат и ги потсетувало луѓето и на камила, и на леопард. Го завикале камилеопард, а ние денес го знаеме како жирафа.
Ова било веројатно првата жирафа во Европа. Европејците биле прилично збунети околу тоа што е и како треба да го третираат животното, што се гледа и од историските записи.
Касиус Дио, во својата книга „Римска историја“, пишува: „Ова животно е како камила во секој поглед, освен што нозете не му се со истата должина, со тоа што задните се пократки… Кожата му е со дамки како на леопард, и поради оваа причина го носи името составено од двете животни“.
Плиниј, пак, ја има опишано жирафата како „дива овца“, а Хелидорус има пишано дека „ова животно е лесно да се води со јаже околу вратот“. За други, жирафата претставувала „индиска камила“, а Гибон ја има опишано како „највисокото, најнежно, и најбескорисно од сите големи четириножни животни“.
Во повеќето случаи, новодонесените животни во Рим биле прво покажувани во Циркусот, а набрзо потоа завршувале распарани во некаков вид на јавен спектакл (гладијаторска борба, на пример). Истребувањето на ретки животни било само уште еден начин за демонстрација на моќта на императорите. Но, со камилата на Цезар тоа не било случај, бидејќи оваа била подарок од Клепатра. Жирафи биле убивани во Рим, ама дури долго по смртта на Цезар.
Со пропаѓањето на Римската империја, и бројот на жирафи се намалил, а наскоро повторно станале „чудното“ и непознато животно што не можело да се види на стариот континент. Барем така било до Средниот век, кога Лоренцо Медичи – познатиот владетел на богатата Фирентинска република, го направил истото што и Цезар и донел жирафа (илустрирана на сликата) во градот. Ова веројатно било прв пат Европа да види жирафа по деновите на Стариот Рим. И оваа била подарок, веројатно од тогашниот султан на Египет. Животното било права атракција меѓу жителите на Фиренца, но како вид не опстанало долго. Следната жирафа во Европа веројатно била донесена дури три века подоцна.