Сакаме мачки, да, ама не верувавме дека некоја приказна со мачка може да нé трогне (не до патетика, ама сепак). Во наша одбрана, приказнава е многу повеќе за човечката природа и колку е таа чувствителна и на најмали нешта, во случајов диво маче.
Додека бил стациониран во Форт Рајли, Канзас, откако доживеал трауматска повреда на мозокот во Ирак, војникот Џош Марино станува само уште една од купот жртви на пост-трауматскиот синдром. Како резултат, запаѓа во длабока спирала на анксиозност. Една дождлива вечер излегува од својата барака во касарната и седнува на скалите за да ја испуши последната цигара… во животот. Доста му е. Веќе не сака да се справува со хаосот во главата. Решава таму да престане.
Таман да го зграби ножот и да го исполни планот, слуша мјаукање. Од блиската грмушка излегува мало црно и бело маче.
„… Ми се доближи и почна да се трие од мојата нога, дозволувајќи ми да го галам. Почнав да плачам, солзите не престануваа. Можеби (мачето) знаеше дека има нешто со што не можам да се справам. Престанав да мислам на моите проблеми и почнав да мислам на неговите; што можам да направам јас за да му помогнам?“
Во тој момент, Марино сфаќа дека животот е многу повеќе од тоа што нему му се случило. Дружбата со мачето продолжува секоја вечер…
Денес Марино е оженет со девојката што ја меркал уште од средно. Чуваат неколку мачки и се големо и среќно семејство. Во меѓувреме поминал и низ клиничка рехабилитација и психолошко советувалиште. Ги откажал цигарите. Се вратил на студии. Се стекнал со мастерс диплома. Денес работи со воени ветерани. Им помага да го надминат „својот“ пост-трауматски синдром.