Тоалетите во авионите многу напредуваа низ годините. Во минатото, на пример, летачите фрлаа екскременти низ прозор, или уште полошо, користеа хемиски тоалети – особено во некои модели од Втората светска војна. Хемиски тоалет е во суштина кофа полна со хемикалии што го „минимизираат“ мирисот.
Во 1934 година, британскиот хидроплан Supermarine Stranraer имаше тоалет кој беше „отворен кон светот“, така да се изразиме. Ако го подигневте капакот во вецето за време на летот, протокот на воздух создаваше звук како свирче. Не за џабе прекар на авионот (на сликата) му беше „Whistling Shithouse.”
Од очигледни причини, катапултирањето на измет во етерот не е баш грациозно и практично решение (за тие што не се во авионот). Иако и денес има луѓе што мислат дека авионите исфрлаат измет некаде по небото, тоа е далеку од вистината. Денес авионите имаат технологија за „контрола на отпад“ која е далеку подобра од таа на претходниците. Секој што „пуштил вода“ во авион го знае гласниот и недискретен звук на вакуумот кој ја вшмукува содржината депозитирана во веце школката. Денес авиониоте имаат фекални резервоари во кои се складираат екскрементите на патниците сé до моментот на слетување.
Разликата со земните вециња (викани и сифонски тоалети) е во начинот на кој работат. Сифонските тоалети имаат школка полна со вода која го помага ефектот на пасивно вшмукување, со кој се празни содржината. Во авионите, пак, нема пуштање вода. Нема ништо со што можете да испирате.
Бомби од ведро небо
Во ’80-тите, сепак, имаше нешто слично. Средството се викаше Anotec и се користеше во сите авионски тоалети. Тоа е оној син, течен деодорант кој обично се користи во монтажните пластични вециња. Во авионите се користеше со истата цел, да помогне отпадот да се транспортира од веце школката до фекалниот резервоар на авионот. При секое пуштање „вода“, течноста циркулираше со помош на електрични пумпи. Но тоа создаваше бројни проблеми.
Како прво, авионите мораа да носат стотици галони од течноста за секој еден лет. Тоа значеше и поголема тежина на авионот, а со тоа и поголема потрошувачка на гориво. За сметка на тоа, мораше да биде намален дозволениот патнички товар, па и самиот број на патници.
Како второ, Anotec беше формалдехид и формула базирана на хидроген, со потенцијал да предизвика сериозни алергични реакции и иритации.
Како трето, и најстрашно, Anotec имаше тенденција да протекува. Повремено, истечените количини протекуваа дури и надвор од трупот на авионот. Поради големите височини, замрзнуваа во ледени топки од мешавина од сина течност и екскременти и се лепеа за надворешноста на авионот. Кога авионот ќе се спуштеше на помала висина, особено пред слетување, овие топки се растопуваа и паѓаа во слободен пад кон земјата. Овие „метеори“ од син измет, освен што звучат одвратно, уништуваа и покриви на куќи и автомобили. Нејќете такво да ве погоди.
Е арно ама, од 1979 до 2003-та, 27 вакви „бомби“ имаат паднато врз САД. Во 2006-та, во Калифорнија, парче син мраз направи дупка во кровот на куќата на еден постар пар, и им го уништи креветот. „Беше тоа силен и голем удар. Ја стресе целата куќа, ние мислевме дека е автомобил“, рече тогаш шокираниот Вилијам МекЕлрој.
Денес
Денешните тоалети со вакуум вшмукување ги има патентирано Џејмс Кемпер уште во 1975 година. Сепак, очигледно од ова погоре, стандард во авионската индустрија станаа многу подоцна.
Овие тоалети имаат мазни тефлонски ѕидови кои без мака го испираат изметот со само малку вода. Копчето за пуштање вода отвара мал вентил кој го изложува изметот на пневматски вакуум кој го транспортира до фекалниот резервоар (собира и до 200 галони).
По слетувањето, некој кутра страдалник е задолжен да го испразни.
Еве едно ентузијастично промо видео од тим Новозеланѓани кои работат на авионски тоалети. Викаат дека авионски тоалет има 300 делови. Викаат дека чини 17.000 долари…
Имајте на ум следен пат кога ќе летате. Или немајте, сеедно.
Линк до видеото (прави проблеми со Flash):
http://www.nzherald.co.nz/business-video/news/video.cfm?c_id=1503079&gal_cid=1503079&gallery_id=160171