Во продавницата на британскиот супермаркет Costcutter во рамките на универзитетот Брунел во Лондон, пркна нова технологија на плаќање – со вените на прстите. Компанијата зад технологијата – Sthaler, соопшти дека води сериозни преговори и со други големи британски супермаркети да ги воведат високотехнолошките скенери за вени на прстите на своите каси и наплатни пунктови.
Технологијата користи инфрацрвена светлина со која ги скенира вените на врвот на прстот, и така создава уникатна биометриска карта поврзана со банкарската картичка на купувачот. Потоа банкарските детали на клиентот се испраќаат и чуваат од компанијата Worldpay на истиот начин како што се чуваат и податоците за електронските картички при онлајн купувањето. Што значи, купувачот може да влезе во маркет буквално со празни раце, да испазари и да „плати“ (да му биде наплатено) со распоредот на своите вени.
Досегашните истражувања покажаа дека користењето на отпечатоци од прстите, кое веќе нашироко се користи кај мобилните телефони, е ранливо и подложно на хакерски напади, но и дека отпечатоците можат да бидат копирани и од самите траги од прстите останати по екранот на телефонот. Меѓутоа, од Sthaler тврдат дека технологијата за разпознавање на вени е многу побезбедна, т.е. дека е најбезбедниот биометриски метод за идентификација, бидејќи „не може да биде украдена или копирана“, особено што подразбира физичко присуство.
Такви скенери за вени веќе се користат за пристап до силно обезбедувани британски полициски згради. На универзитетот Брунел системот веќе го користат 3.000 студенти, а до ноември бројката би требало да се искачи на 13.000.
Sthaler води преговори (за имплементирање на технологијата, секако) и со ноќни клубови – за проверка на гости при приватни журки, па дури и со фудбалски тимови од Премиер лигата – за да го проверуваат правото на пристап до ВИП зоните.
Компанијата прецизира дека е потребна само една минута за првичната регистрација во системот, а потоа скенирањето со поставување на прстот на скенерот се врши само за неколку секунди, секогаш кога ќе отидете на касата во супермаркетот.
„Тоа го прави плаќањето многу полесно за клиентите. Тие не мораат да носат пари во кеш или картички. Не мораат да помнат ПИН код. Треба само да отидат до продавницата; тоа е најбезопасната форма на биометрија“, вели Сајмон Бинс – директор за трговија на Sthaler. Додава и дека досега не се познати случаи при кои безбедноста на таквото плаќање била нарушена.