Калифорнија сака да им забрани на пет-шоповите да продаваат мачки и кучиња

Калифорнија може да стане првата држава што на продавниците за миленици ќе им забрани да продаваат мачки, кучиња и зајци, освен ако се бездомни и доаѓаат од стационари или се спасени од организации за заштита на животните. Државниот сенат веќе го усвои актот, со 32 гласови „за“ и ниту еден „против“. Останува уште да го потпише гувернерот, кој веројатно нема да го искористи правото на вето, особено што повеќе од 30 градови во Калифорнија веќе имаат слични локални закони.

Под новата легислатива, пет-шоповите што и понатаму ќе сакаат да продаваат мачки, кучиња или зајци, ќе мораат да соработуваат и да ги набавуваат од локалните засолништа за животни и спасувачките организации. Поддржувачите на законот, меѓу кои и две еминентни организации за спречување на суровост кон животните, наведуваат две главни придобивки. Прво, ќе ги спречи продавниците за миленици да ги поддржуваат установите за одгледување во кои масовно се произведуваат кучиња/мачки/зајци, често во лоши услови. Таквите „установи“ популарно и генерално се нарекуваат „фабрики за кученца“ (puppy mills), иако истите произведуваат и други животни.

Второ, легислативата ќе промовира посвојување на миленици од стационарите за животни. Лани во САД, на пример, во стационарите се еутаназирани 1.5 животни погодни за домашни миленици.

Има и трета придобивка; ова може да им заштеди пари на даночните обврзници, т.е. на буџетот. „Калифорниските даночни обврзници трошат над четвртина милијарда долари годишно на згрижување на бездомни животни“, вели Гери Вејцман, CEO на San Diego Humane Society. Сепак, вели, главната придобивка е што „ќе се елиминира главниот извор на продажба за нехуманите комерцијални одгледувачи“.

Критичарите велат дека со ова ќе се лимитира пристапот на луѓето до одредени популарни раси, па дури и дека на одредени раси им се заканува и исчезнување (со тек на време). Легислативата не забранува купување на миленици директно од одгледувачите, но непрофитабилноста може да го направи своето. Другата замерка на противниците на законот е дека животните во засолништата не секогаш имаат проверена и позната генетска и медицинска историја, за разлика од тие во продавниците за миленици, „кои се добро регулирани и се доверлив извор на одговорно одгледани миленици“.

Возот за подетална дебата се чини веќе е пропуштен. Над 230 градови и рурални општини во САД веќе имаат слични закони. Најстрогиот го има Кембриџ, Масачусетс, каде од август годинава на продавниците за миленици не само што им се забрани продажба на „небездомни“ мачки и кучиња, туку и сé друго – од птици, па до змии, глувци и хрчаци.

 

- Реклама -