Умре актерот Мајкл Кларк Данкан

Актерот најпознат по улогата на осуденикот кој чека егзекуција и има лековита моќ во филмот „Зелената милја“, умре во болница, на возраст од само 54 години.

Робусниот актер кој беше висок 195 сантиметри и тежеше импресивни 135 килограми доживеа срцев удар на 13 јули оваа година. Оттогаш до сега, Данкан се наоѓаше на лекување во болница во Лос Анџелес, но по нецели два месеци неговото срце откажало, по што настапила смртта.

Пред да стане актер, Мајкл Кларк Данкан работел како телохранител на славните, вклучително и: Вил Смит, Мартин Лоренс, Џејми Фокс и Биги, чиешто убиство во 1997 година го натерало Данкан да се откаже од опасната професија.

Покрај улогата во филмот „Зелената милја“, која му донесе номинации за Оскар и Златен Глобус, а која ја добил по препорака од неговиот пријател Брус Вилис, Данкан ќе остане запаметен и по улогите во филмовите „Армагедон“, “Breakfast of Champions”, “The Whole Nine Yards” и “Sin City”.

- Реклама -