Во најстарото јапонско кино за возрасни

Во потрага по интересни места низ Јапонија, репортерот на SoraNews24 –  Kowloon Kurosawa, налетува на едно посебно парче јапонска традиција. Се вика „Shuri Theater“ и се наоѓа на стотина метри од замокот Shuri на јапонскиот остров Окинава. Тоа е најстарото кино во континуирана функција во регионот. Но исто така, Shuri Theater е и порно кино – веројатно најстарото во цела Јапонија.

Кога отворило во 1950-та, додуша, прикажувало обични филмови, но некаде околу ’70-тите преминало во водите на возрасната забава, велат од „разни причини“.

Кога ќе го здогледате името на киното испишано со џиновски букви на влезот, веднаш вниманието ќе ви го привлече „изморениот“ изглед на екстериерот со многу слоеви излупена боја. Зградите не можат да се разболуваат, ама ако можеа, вака ќе изгледаа, сугерира Куросава.

И покрај тоа, на паркингот пред киното секогаш ќе најдете по некој автомобил, а и киното работи релативно добро од финансиски аспект, барем доволно за да опстои. На пример, имате групни понуди од неколку филмови за 800 јени (7.20 долари), а при посетата на Куросава, во тек била акција „изгледај-сé-што-можеш-да-изгледаш“ – со други зборови, за фиксен износ добиваш целодневна – од 13 часот попладне, па до 21.30 навечер.

Ако сепак се решите дека 8.5 часа порно се добра понуда, ќе треба билетот да го купите од стариот белокос менаџер, кој љубезно со раката ќе ве упати кон салата.

А таму, ве чекаат дрвени клупи и чудно поставени зелени светла, кои на атмосферата ѝ даваат вкус на хорор филм. Куросава е убеден дека воопшто не се работи за некакво естетско решение, туку едноставно за најевтино.

Киното собира 300 луѓе. Таа вечер имало тројца, освен нашиов раскажувач. Биле постари луѓе и сите седеле на некоја од централните дрвени клупи, веројатно за да можат и да легнат ако така им се сака, претпоставува Куросава. Самото кино е внимателно дизајнирано и изгледа како театар, како да биле предвидени и претстави во живо.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот

А порано или подоцна, природата ќе ве натера да ги посетите и тоалетите. Никој не очекува висок стандард во кино за возрасни, ама и покрај ниските очекувања Куросава успеал да биде запрепастен.

Вратите одвај висат на ѕидовите од нивните соодветни кабини, и повеќето не се затвараат. Нема ниту еден тоалет, било да е чучавец или веце школка; едноставно седнувате врз длабок и темен канал кој се протега низ сите кабини, а судејќи по смрдеата, завршува во пеколот, вели Куросава. Првата кабина е означена „за жени“. Посебно женско веце нема.

Дамите имаат предност.

Кога Куросава се вратил во салата, веќе немало никој. Сакал да си замине, но тогаш зад себе го чул гласот на менаџерот на киното: „Хеј, а зошто не останеш малку подолго? Ќе ти биде фино да го имаш целото место за себе, па зошто да не останеш до самиот крај и да се чувствуваш како да си изнајмил цело кино?“. Иако исплашен за својот живот (поради совршениот сетинг и текот на настаните сличен како во јапонски хорор филм), Куросава не сакал да биде некултурен, па си го изгледал филмот до крај („Forced Wife“, од 2012-та година, ако ве интересира).

Ама не е тоа што мислите. За среќа, киното пушта софт-порно, па Куросава имал за следење колку толку кохерентна филмска приказна. А сфатил и дека и самото искуство не е така лошо – тоа му било прв пат, а веројатно и последен, кога ќе има цело кино само за себе. На крајот љубезно се поздравил со менаџерот и му заблагодарил на приликата, а другиот вработен – 80+годишниот чистач на киното, не пропуштил да го потсети: „Ние сме постари и од замокот Shuri!“.

И стварно. Замокот бил изграден некаде околу 15-от век, но оттогаш е разрушуван и одново граден неколку пати, последниот во 1958 година. Што го прави киното 8 години постаро…

- Реклама -