Три училишта во американската држава Тексас се согласија одново да го воведат удирањето со дрвена прачка како облик на казнување на лошото однесување на учениците.
Персоналот на овие училишта, во кои учат ученици од 4 до 18 години, ќе има право да доделува по еден удар за секој прекршок, како што се непочитување на школските правила или непослушност кон наставниците. Сепак, ништо од ова нема да се случи ако при уписот во училиштата, родителите не потпишат согласност за физичко казнување на нивното дете. Со други зборови, ќотекот е опционален, и ќе го добиваат само учениците чии родители ќе сакаат така да бидат воспитувани.
Ендру Амаро – вработен во едно од овие училишта, вели дека дрвената прачка е поефективен начин на воспитување, особено на децата на возраст од 4 до 12 години, и смета дека е подобра алтернатива отколку малолетници што завршуваат во притвор (дрвената прачка наводно ќе ги чува децата „на правиот пат“). Вели дека прачката играла и во негово време.
Само наставниците и директорот на училиштето ќе имаат моќ да ги тепаат учениците, а за секој удар ќе се води детална статистика, со цел да се изврши евалуација на ефикасноста на воведените воспитни мерки.
Интересно е, меѓутоа, како ќе се спроведува ќотекот само врз учениците чии родители се согласни. Ќе носат ли посебна лента околу раката, како Евреите во Холокаустот? Или, можеби, наставникот ќе проверува во компјутер дали за ученикот има дадено согласност? Ако е ова второво, ќе биде тоа интересен спој од модерна и примитивна пракса.